Преговорите за името во фокусот на средбата Коѕијас- Генимата

157

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас и лидерката на ПАСОК и Движењето за промени Фофи Генимата на нивната денешна 90-минутна средба во грчкиот Парламент разговарале единствено за прашањето за името, објави грчката новинска агенција АНА- МПА.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, средбата со лидерката на ПАСОК и Движењето за промена е дел од активностите на шефот на грчката дипломатија за брифирање на лидерите на политичките партии.

Разговорите завршија без изјави за медиумите, а соработниците на Генимата за АНА-МПА рекле дека брифингот бил суштински, а во фокусот се нашле преговорите за името.

– Беше јасно ставено до знаење дека кога предлогот на владините СИРИЗА и Независни Грци ќе дојде во Парламентот, Движењето за промена ќе излезе со конкретен став врз база на позицијата за сложено име, ерга омнес со правни обврзувања за отстранување на иредентизмот, објави грчката новинска агенција, повикувајќи се на соработниците на Генимата.

Никос Коѕијас, доцна попладнево ќе се сретне и со претседателот на Сојуз на централисти, Василис Левендис, а со тоа ќе го заврши и планираниот циклус контакти со лидерите на грчките политички партии, што започна вчера.

Единствено, останува дополнително да се сретне со одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија,Јоргос Кумуцакос, откако лидерот на партијата Кирјакос Мицотакис одби брифинг со Коѕијас и побара тоа да го стори Ципрас.

Средбата Коѕијас –Кумуцакос, за сега официјално не е закажана.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...