Триесет и седумгодишниот Остин Јубанкс, кој го преживеа масакрот во средното училиште Колумбајн во Колорадо во 1999 година, е пронајден мртов, пренесуваат тамошните медиуми.
Неговото безживотно тело било најдено од полицијата по повик дека Јубанкс не одговара на телефонските повици. Причината за смртта ќе биде позната по аутопсијата.
Јубанкс во 1999 година бил ранет во раката и коленото. Во нападот загинале негови 12 другари од одделение и професорот. По масакрот, тој станал зависник на опојни наркотици. Со години се борел против зависноста, а за тоа зборувал и јавно.
Неговото семејство соопштило дека тој „ја изгубил битката со болеста со која долго време се борел“. Било додадено дека Јубанкс постојано се обидувал да им помогне на други да се соочат со овој проблем.
Јубанск во 2017 година кажа за Би-Би-Си дека откако загинал неговиот најдобар другар, станал зависник.
Нападот во училиштето бил извршен од страна на двајца ученици, кои по масакрот извршиле самоубиство. Тоа тогаш бил најсмртоносниот напад во американските училишта во историјата.
ФОТО: Принтскрин / Јутјуб