Додека големите француски партии, како Републиката во движење (РЕМ), Националниот собир (РН), Републиканците (ЛР), Непокорна Франција (ФИ), Зелените (ЕЕЛВ) и Социјалистичката партија (ПС) се одмеруваат во предизборната кампања со претставување на нивните програми, многу други од рекордните 34 партиски листи што учествуваат на изборите за Европскиот парламент на 26 мај, остануваат анонимни.
Како што јави дописникот на МИА, дел од овие мали партии настапуваат со програми што содржат предлози со кои сакаат да го привлечат вниманието на гласачите.
Така, изборната листата Европа Есперанто демократија, се залага за развој и промоција на јазикот есперанто. Главна точка во нејзината програма е фокусот на постоењето на „јазична и културна разновидност”. За да се постигне оваа цел, листата предводена од професорот по биологија Пјер Дјомегард, предлага во образовните системи да се вклучи изучување на меѓународниот јазик есперанто, измислен во 1887 година. Есперанто, кој има за цел олеснување на комуникацијата меѓу луѓето од различни јазици, денес во светот на пет континенти го зборуваат меѓу три и 10 милиони лица.
Листата Кралска алијанса, пак, предлага наместо 14 јули и годишнина од празникот на федерацијата од 1790 година, да се слави „вистинскиот национален празник“ – 27 јули. Партијата, која се залага за враќање на монархијата во Франција, предлага датумот на Битката кај Бувин – 27 јули, да се чествува како национален празник. Листата на чело со Роберт де Превоизин, скромен општински советник во Кусај, кој по третпат се кандидира на европските избори, смета дека битката од 1214 година е „основачката победа” што ја направила Франција „една нација сама по себе“.
Европскиот симбол, програмата Еразмус за размена на студенти, сега позната како Еразмус Плус, го наоѓа своето место во голем дел од програмите на 34-те изборни листи. Покрај нејзиниот развој, некои мали партии сакаат да ја прошират и на средношколците и на наставниците. Така, Партијата на европските граѓани дава и малку пооригинален предлог: Еразмус за спортисти. Целта е да се создаде мобилност на „млади луѓе надвор од универзитетот”, благодарение на „партнерствата меѓу спортски клубови од различни земји”. Сето ова би требало да им овозможи на младите „да откријат нова култура и да развијат познавања на јазиците во средина во која се чувствуваат удобно: онаа на спортот”.
Партијата Ајде деца, како што гласат и првите стиховите од Марсељезата, инспирира од примерот на САД, сака создавање Федерално истражно биро (ФБИ) на европско ниво за да се заштити Европа од нови терористички напади. Ова е една од мерките предложени од листата предводена од 22-годишнате Софи Кајо, која неодамна дипломирала политички науки. Во духот на програмата на ова малото движење, „Европската ФБИ” би требало го заземе местото на Европската агенција за борба против криминалот (Европол). Според Ајде деца, ефикасноста на Европол не е оптимална, поради „националниот отпор на државите кои споделуваат само мал дел од нивните информации”. За подобра функционалноста на оваа агенција, партијата предлага земјите членки на ЕУ да ја удвојат нивната кохезија и пред сè да се согласат да бидат потранспарентни.
ФОТО: EPA / STEPHANIE LECOCQ