Собранието на акционери на „Фершпед“ на последната седница го утврди составот на Одборот на директори на компанијата во чиј состав по шест години се враќа сопственикот Штерјо Наков. Тој во 2013 година се повлече од Управниот одбор на компанијата и беше прв човек на Надзорниот одбор.
Покрај Штерјо Наков во Одборот на директори се избрани уште и неговиот син Драган Наков, досегашниот претседателот на Управниот одбор, Иван Петровски, како и Анета Лазарова и Лидија Трајковиќ која досега беше член на Надзорниот одбор. Оваа информација компанијата ја сподели на Македонска берза.
Мандатот на членовите на Одборот на директори е шест години, а изборот на извршниот директор ќе се изврши на првата седница на Одборот.
Според Одлуката на акционерите, на неизвршните членови на Одборот на директори ќе им се исплаќа месечен надомест и тоа на претседателот на Одборот на директори во висина од 11 објавени просечно исплатени нето плати по работник во стопанството, на останатите неизвршни членови нето износ во висина од 20.000 денари.
Претходно акционерите го променија Статутот на компанијата со кој се востановува единствен систем на управување на компанијата – Одбор на директори, а се укинуваат Управниот и Надзорниот одбор. Одборот на директори го сочинуваат два извршни члена и три неизвршни членови.