Добро е од време на време да си повториме некои од главните работи за да не заборавиме каде се наоѓаме и каде сме тргнале. Нашава земја се наоѓа во чувствителна фаза. Договорот за пристапување кон НАТО е во процес на ратификација од страна на сите негови членки. Чекаме добивање датум и почеток на преговорите за пристапување кон ЕУ. Кога и да го добиеме датумот веројатно ќе поминат десетина години до зачленувањето во ЕУ. Како што сме кажале во повеќе наврати досега, НАТО и ЕУ не се цел сами по себе и не носат сами по себе подобар животен стандард. Што во меѓувреме со македонската економија? Работите мораме да ги направиме заради самите себе.
Првиот чекор е дефинирање на целта. Треба да си одговориме две едноставни прашања. Првото прашање е каков капитализам сакаме, која е нашата цел? Капитализам има и во САД, и во Германија, и во Шведска и на Балканот. И сите тие се, на свој начин, различни видови на капитализам, произведуваат различни општества и односи внатре во општествата. Одговорот на ова прашање треба да биде еден од патоказите низ нашиот процес на преговори за пристапување кон ЕУ.
Второто прашање е дали е за нас прифатливо македонската економија да расте побавно од просекот на другите пет земји во нашиот регион на Западен Балкан (Србија, Црна Гора, БиХ, Албанија, Косово)? Бројките тоа го покажуваат, значи не за година или две, од 2001 до 2018 година, во просек македонската економија растела побавно од просекот од другите земји од нашиот регион за речиси цел еден процентен поен годишно! Значи, прифатливо ни е ова или не?
Од одговорот на овие две прашање зависат и сите економски политики и оперативни чекори што потоа би биле дизајнирани и применети. Се разбира, добивањето опипливи резултати од економските политики ќе бара време.
Но, што е она на што може, или подобро кажано мора, да се стави фокусот веднаш?
Предзвикот број еден за бизнис секторот во земјава денес не се ниту пристапот до финансиски средства, ниту проблемите во судството, ниту било што друго. Главниот предизвик е недостигот на работна сила. Од една страна веќе подолг временски период ни се случува депопулација на населението, стотици илјадници луѓе си заминаа од земјава, а од друга страна имаме многу дипломи, а малку вештини за пазарот на работна сила. Земјава мора да се фокусира на секој од сегментите на образованието. Пред неколку месеци една госпоѓа од Британија, дојдена во земјава преку Британскиот Совет, во интервју за еден бизнис магазин рече дека таму во моментов 70% од вештините што децата во основното образование ги учат се за работни места што денес не постојат. Кај средното образование, без оглед што резултатите нема да дојдат веднаш ама барем проблемите ќе се ублажат, фокусот мора да се стави на дуалното образование. Конечно, во високото образование потребно е прилагодување и насочување кон она што значи наука, технологија, инженерство, математика (STEM). Во целина, потребна е коренита и сеопфатна реформа на образованието од која што прилично зависи и опстанокот на земјава на долг рок.
Вториот предизвик што бара внимание е креирање на економски амбиент што поттикнува. Тоа значи да постои амбиент што поттикнува секој сам да се труди, професионално да се гради, да стекнува вештини, да има мотив да заработи, да создаде, за себе и за семејството, а не да има мотив да биде пасивен, да чека државата да земе од поуспешните и да му прераспредели. Понатаму, економскиот амбиент мора да биде максимално предвидлив, да се потсетиме на идејата за воведување на даночен календар кој ќе му овозможи на бизнис секторот однапред да знае какви измени го чекаат во однос на давачките кон државата. Само со стабилен и предвидлив економски амбиент приватниот сектор ќе се решава да прави значајни инвестиции, а токму таквите инвестиции создаваат одржливи работни места. Патем, регулативата мора да се поедностави, тоа ќе овозможи поголема ефикасност во работењето на бизнис секторот.
Да си го повториме и тоа дека предизвици секогаш ќе постојат. За мала земја како нашата тие некогаш ќе изгледаат големи како планина. Но, со долгорочна визија, внатрешна кохезија во земјата, и со изразено чувство на ургентност за менување на работите – резултатите ќе дојдат. Важно е за предизвиците отворено да се разговара и да се има храброст да се носат одлуки, понекогаш и непопуларни.