Претстава за паметење, ремек дело, „Браво за екипата“… ова се само дел од коментарите и воодушевувањето што го предизвика кај публиката претставата „Злосторството на 21 век” според текст на англискиот писател Едвард Бонд, во режија на Владимир Милчин и сценографија на Крсте С. Џидров.
Претставата премиерно на големата сцена на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот” беше изведена во четвртокот.
„Злосторството на 21 век“ е македонска праизведба на третиот драмски текст од антивоената трилогија на Едвард Бонд, напишан во 1999 година, а дејството е сместено во втората половина на 21 век.
Режисерот Владимир Милчин вели дека, станува збор за англиски драмски писател, театарски режисер, поет, теоретичар и сценарист кој многумина го сметаа за еден од најважните живи драмски автори, кој отсекогаш бил и останува контроверзен поради насилството прикажано во неговите пиеси, радикалноста на неговите ставови за модерниот театар и општеството.
Милчин за Едвард Бонд вели дека неговата пиеса довела да се укине цензурата, а тој со своите дела е провокативен и актуелен со проблеми што го мачат човештвото на целата земјина топка.
– Една катастрофа е екологијата, а другата одземање на слободата, правата и терор и тоа што на луѓето им ја одзема човештината, а пеколот напредува и ја јаде земјината топка и ги јаде луѓето – вели Милчин.
Актерката Маја Љутков која е негова студентка и игра во претставата потенцира дека е добро што дошол нејзиниот професор Милчин да ги врати на вистинскиот пат и потсети на сите вредности кои сите ние одвреме навреме ги забораваме и пропуштаме.
– Ова е претстава од која секој ќе си отиде погоден. Никој нема да остане рамнодушен и недопрен. За мене е најважно што во велешкиот театар дојде мојот професор Владимир Милчин и сработи претстава, не потсети на сите вредности на кои сите ние одвреме навреме работејќи ги забораваме и пропуштаме. Тој не врати назад на вистинскиот пат, а овој процес беше празник за сите сетила – вели актерката Љутков.
Во претставата освен Маја Љутков играат и Талија Настова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаиловски, костимографијата е на Марија Пупучевска, а музиката на Марјан Неќак, а постерот за претставата го нацрта Филип Коруновски.
Ова е трета премиера на велешкиот театар за 2019-та, а прва што е финансирана од Министерството за култура.