Да, премиере Зоран Заев, сосема сте во право – така е кога се работи вредно и посветено, резултатите се евидентни. И навистина, изградбата од јужниот крак од Коридорот 10 во Грделичка клисура ја поврзува нашата земја со Србија не само физички, туку и на многу други начини. Духовно, во крајна линија.
Сега секој од нас ќе може да седне во автомобил и за три ипол часа да стаса до Белград. Да се види со старите пријатели или да стекне нови. Да појде на шопинг. Да си купи добра книга, да посети изложба или добра театарска претстава. И уште истата вечер да се врати во Скопје. Тоа е голема привилегија за сите нас кои го паметиме времето кога ние и другите поранешни југословенски републики бевме единствен културен и духовен простор. Во мојата лична библиотека сѐ уште има многу повеќе наслови на српско-хрватски одошто на македонски и на други јазици.
Да, премиере Заев, кога се работи посветено, резултатите се евидентни. И Србија, како и Македонија, во овие години се соочува со внатрешни политички проблеми, со конфликти и поделеност. Многу луѓе во Македонија ги споделуваат критиките на српските опозиционери на сметка на власта на Александар Вучиќ, но тоа не може да го смени ноторниот факт дека покрај сите хаварии што се случија во текот на изградбата на оваа делница, српските градители постигнаа грандиозен успех во секој поглед.
И за тоа треба да им се честита на сите, но при тоа мора да се признае дека најважната честитка сепак мора да се упати токму на адресата на Вучиќ.
Да, премиере Заев, така е кога се работи посветено. Многу добро кажано. И искрено, верувам во тоа. Но, тоа нема да ме спречи да поставам и едно непријатно прашање – а зошто и во нашата влада, во сите нејзини ресори, покрај сите проблеми со кои беше соочена во овој период, не се работеше исто така посветено, на слични проекти?
Да ве потсетам, премиере наш. Нашиот јужен крак од истиот коридор, делницата од Смоквица до Демир Капија, изградена за време на владеењето на режимот на Груевски, ја отворивте по едно бескрајно долго одлагање, поради еден прилично банален проблем (банален во споредба со какви проблеми се соочија српските градители). А ја отворивте со чочек во тунел. Шуќур!
Ајде, можам да разберам дека автопатското решение од Скопје од Охрид за нашата влада и за ресорниот министер Сугаревски е равенка со неколку непознати, проблем што ќе се решава уште кој знае колку долго време. И мене тој предизвик ми изгледа некако голем, иако врвни професионалци ме убедуваат дека ништо не е тешко ако се има пари (а во првата година од мандатот, ако добро се сеќавам, во државната каса ви останаа нереализирани пари за капитални инвестиции во висина од 350 милиони евра, точно толку колку што потроши Вучиќ за Грделица).
Но, си велам, ајде, да заборавиме на Скопје – Охрид за некое време, за следниот мандат можеби, или за следната влада, сеедно. А не можеше ли да се поработи малку попосветено и веќе да биде отворен автопатот од Миладиновци до Штип, кој исто така ви беше оставен во наследство практично изграден? Па добро, малку ли беа цели две години и повеќе од тоа, за да ги довршите ситните работи и конечно да ја пресечете црвената лента? Не е ли срамота на човек поголем лезет да му биде да „тркне“ до Белград одошто сѐ уште да се ѕенза по стариот пат до Штип?
Да, премиере Заев, треба да се работи посветено. За да има резултати. Сетете се на вашите зборови и на она што го видовте во Владичин Хан, кога ќе размислувате за фамозната „Операција Метла“. Ако сѐ уште размислувате за неа.