По трагите на успехот на претходните изданија од денеска до 23 мај 2019 година во „Кинотеката на Република Северна Македонија” ќе се одржи 19-то издание на Недела на италијанската кинематографија, фестивал на италијански филм.
Настанот е организиран од Италијанската амбасада во Скопје и е во рамки на иницијативата на италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка „Создаваме филм – Fare cinema“.
Отворањето на Фестивалот е на вечерва со проекција на филмот „Секој проклет Божиќ”, забавна комедија на „италијански начин” во режија на Лука Вендрусколо (2015), на која ќе и претходи видео-поздрав на режисерот и на глумците специјално сниман за македонската публика.
Неделата ќе продолжи со проекција на низа филмови, меѓу кои големите класици на италијанската кинематографија со глумци од меѓународна слава како Марчело Мастројани и Софија Лорен („Брак на италијански начин“; „Необичен ден“).
Вечерта на 23 мај ќе има посебен настан: ќе се одржи проекцијата на филмот „Исцелител”, пријатна македонска комедија снимена на улиците на Скопје (2017). Филмот доби големи признанија од страна на меѓународните, а особено и од италијанските критичари, така што се здоби со признанието најдобар филм на 36-то издание на филмскиот фестивал „Bergamo Film Meeting ” и во последниве неколку месеци се прикажа во многу италијански кино сали, секогаш со одличен успех.
Важноста на настанот ќе биде потенцирана со присуството на режисерот Ѓорче Ставрески и на италијанскиот дистрибутер Џулија Еспозито („Лаб 80″), позитивен пример за итало-македонска соработка од областа на кинематографијата.
Заедничката нишка која ги поврзува филмовите избрани за „Неделата на италијанската кинематографија” е важноста на семејството во општеството и промените со кои истото се соочило во текот на годините. Преку филмови од различни временски периоди, ќе може да се прикаже описот на семејните односи од различни аспекти, толкувани во комичен стил, понекогаш ироничен и саркастичен, но секогаш на забавен начин.