Не бараме враќање во социјализам, туку бесплатно здравство бараме!

Стравувам дека подоцна на сите ќе ни биде доцна: не ќе има потреба од проекти ниту, пак, од термини. И лекари, но и пациенти нема многу да има?!

870

Во името на многу граѓани корисници на проектот „Мој термин“, незадоволни од бенефитите што требаше да ги даде, пред неколку денови во истово гласило упатив некои забелешки до надлежните и „математички прецизно“, што би рекол еден познат партиски лидер, укажав на сегментите со кои не се задоволни пациентите. Колку е значаен и актуелен овој проблем сфатија повеќето електронски и пишани медиуми и разни пораки пратија.

Но, како да не ги следат работите тие што треба да ги решаваат?! Не знам дали до нив допре и моето со многумина паталци здружено возвикнување: „Алооо, не ви чини терминот“, па и укажувањето веднаш нешто да преземат?!

Скапи лекови

Некои нивни апологети и претставници на докторската фела упорно ме убедуваа и тврдеа дека проектот е добар и навистина иднината на здравството е токму во ваквото проектирање и реализирање на здравствените услуги.

Демек, ние постарите генерации не ги разбираме работите и веќе еднаш треба да сфатиме дека назад во социјализам нема враќање?! Иднината е во електрониката и роботиката?! Ќе дојде време доктори роботи да нè прегледуваат, да нè лекуваат и подобро здравје да ни вградуваат?! Само, вие, стрпете се малку и причекајте?!
Дека „брзо“ ќе се решат работите, јавно кажуваше и директорот на Фондот за здравство и нè убедуваше да чекаме барем најмалку три до четири години за да се воведе ред во квотните услуги, но и во целиот систем со електронското здравствено досие за секој осигуреник. Со тоа би се укинале квотите, а ќе се обезбеди оптимална достапност на лековите.

Всушност, овде треба да укажеме дека не е суштината во достапноста на лековите, колку до приватноста и скапотијата на лековите. И сега лековите се достапни, само ако ви се полни џебовите?!

Можеби, пак, затоа, министерот за здравство Венко Филипче „лекот“ го гледа во реорганизирање на здравството на принципот јавно-приватно партнерство, каде што засигурно јавното ќе остане само јавно, а приватното ќе функционира и просперира. Тогаш не ќе има потреба од „Мој термин“ за преглед, зашто секогаш здравствената услуга ќе ни биде достапна, само ако можеме да ја платиме?!

Дека здравството не е толку здраво и има проблеми, зарем не говори доволно и проблемот со вакцинирањето на децата за стекнување имунитет против заразни болести?! Се прашува ли некој од одговорните зошто поголем број родители немаат доверба во исправноста на вакцините и не сакаат да ги изложат своите деца на поголема опасност?!

И пациенти ќе снема

За волја на вистината, сега немало вакцини со поминат рок, или како што се тврдеше со погрешно втиснат датум на пакетите?!

Којзнае, можеби пак навистина ние припадниците на постарата генерација не ги разбираме работите, ама сигурно не сакаме да стоиме и да тапкаме во место, или, не дај Боже, да се враќаме наназад. Всушност, ние не бараме враќање во социјализам за да ни биде подобро, но сигурно бесплатно здравство бараме и се надеваме дека ќе го добиеме?!

Затоа, уште еднаш го потсетуваме премиерот Зоран Заев да го оствари своето ветување! И што побрзо, зашто часовникот ни отчукува и немаме време за чекање?! Стравувам дека подоцна на сите ќе ни биде доцна: не ќе има потреба од проекти ниту, пак, од термини. И лекари, но и пациенти нема многу да има?!

Кој знае, можеби решението „лежи“ во кадровската политика и чистењето со „метлата“ на премиерот, на кого еден поборник му препорачува рачката да биде подебела за да не се скрши со првото заметување?!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...