Пол Валери, за политичкиот ангажман и интелектуалците

: Валери имал еден вид политички ангажмани во повеќе форуми и организации. Својот ангажман мудро ќе го формулира како „блага антиполитика“.

44

Мислењето за политичкиот ангажман и интелектуалците познато ни е од многубројни светски авторитети, а за тоа се напишани и дебели томови книги. Сартровото толкување за тој ангажман е едно од најпознатите, но постојат големи автори чие мислење за оваа тема е малку познато или сосема заборавено, иако станува збор за исклучително важни погледи.

Таков пример се и размислувањата на еден од најголемите француски и светски поети, Пол Валери (1871-1945). Овој голем автор, во своите „Тетратки“ потајно ги бележел своите размислувања и погледи врз многу теми, покрај другото и на темата на политиката, нејзината улога во општеството и местото на интелектуалците. Тие негови дневници насловени како „Тетратки“, верувале или не, ги имало околу 260 на број, со повеќе од 26.000 страници.

Меѓутоа, една тетратка од нив посебно се изделува и токму таа најмногу зборува за политичкиот и интелектуалниот ангажман. Таа е наречена од самиот Валери: „Начела на чистата и применета АН-АРХИЈА“. Настаната е пред Втората светска војна. Тие записи Валери не ги објавил, туку му ги предал на својот помлад син Франсоа Валери. Таа тетратка неговиот син ја чувал цели 40 години и ја публикувал дури во 1984 година, со негов коментар.

Повеќе власт од потребното

Кои се главните поставки на Валери за оваа чувствителна тема за политиката, интелектуалците и власта? Ќе се обидеме да наведеме неколку, а повеќето од нив звучат актуелно и денес. Претходно треба да се каже дека записите во оваа книга на Валери се фрагментарни, тие немаат задача целосно да елаборираат една идеја или размисла во комплетно есеистичка форма. Сепак, низ кратките реченици, фрагменти, и ад хок цртички, честопати започнати и незавршени, јасно проблеснуваат неговите концепти.

На пример: „Тие што ја имаат власта или се во допир со неа, имаат повеќе власт отколку што е потребно, со оглед на тоа што го знаат и што би можеле да го знаат“. Или следниот пасус: „Не може да се нападне некоја влада, а тоа истовремено да не биде напад на секоја можна влада. Да се рече дека една влада е слаба, значи дека сите се слаби, итн. Кој го напаѓа кралот го напаѓа законот, а кој го напаѓа законот го напаѓа кралот. Секоја партија што не е на власт ја напаѓа својата идна власт. Таа ја води и ја подготвува војната против секоја власт“. „Се случува моќта насобрана во еден човек или во неколку луѓе, во една палата или во неколку градби, да биде погодена само со еден удар кој ќе ја урне“. „И поконкретно, за ангажманот на интелектуалците: „Јас не прифаќам ниту една група или групирање кои самите по себе се противречност на интелектуалецот. Јас не потпишувам манифест. Не се занимавам со политика. Интелектуалецот за мене секогаш е осаменик, и без оглед на чија професија и припаѓа, неговата функција е да го зголемува богатството на духовните нешта“.

Сепак, и покрај одбивањето за потпишување манифести и занимавањето со политика, Валери имал еден вид политички ангажмани во повеќе форуми и организации, во кои сакал да има свој придонес за подобрување на нивната работа. Тој свој ангажман Валери мудро ќе го формулира како „блага антиполитика“, бидејќи не можел да чини ништо повеќе од тоа што го чинел. Неговиот син Франсоа Валери смета дека самата таа синтагма „блага антиполитика“ ја изразува суштината на неговиот концепт за бавење со политика „и по сè изгледа таа го покажувала патот по кој тој чекорел и му давала на тој политички пат основна смисла“. Во секој случај, самата синтагма изразува извесна одмереност, бидејќи во „благоста“ на антиполитиката, сепак, има помала или поголема доза на политика.

Десно меѓу левичарите

Сиот тој начин на размислување криел многу противречности, а во нивната заднина стоела „длабоката двосмисленост на самата негова личност“, смета Франсоа. Пол Валери не учествувал директно во изградбата на нова Европа, но битно е што самиот Жан Моне го сметал за свој претходник и инспиратор. Во еден запис во овој контекст Валери вели: „Верувам дека бев роден за една таква Европа, да го обликувам нејзиниот дух и да ги разоружувам нејзините зли духови… Но никогаш не ги понудив своите услуги, самиот убеден дека не би имал никаков успех“.

Во поголемиот дел од животот го сметале за десничар, иако подоцна го прифатиле интелектуалните кругови од левицата. Самиот тој, во контекстот на својата „блага антиполитика“, велел дека се наоѓа „Лево меѓу десничарите, а десно меѓу левичарите“. Неговиот син истакнува дека не ги сакал партиите, и ја цитира следната негова мисла: „Колку човекот е поинтелигентен, помалку ѝ припаѓа на партијата“. И еден куриозитет кој е малку познат за овој голем лиричар. Валери вели: „Сношти повторно го читав `Капиталот`. Јас сум еден од ретките луѓе што целосно го има прочитано ова дело“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...