Јутарњи лист ја нарече Црна Гора „Мексико во хрватското соседство“ поради честите криминални пресметки кои претходните денови се случија во државата, пренесува црногорскиот весник Вијести.
Хрватскиот медиум во својот текст наведува дека спротивставените криминални кланови во Црна Гора, „започнаа да се убиваат сред бел ден во центарот на градот, а страдаат и минувачи“.
По двојното убиство на најпрометниот плоштад во главниот град Подгорица, Советот за безбедност на Црна Гора на вонредна седница во неделата доцна навечер одлучи да се формираат специјални тимови за борба против организираниот криминал.
На состанокот на Советот оценето е дека „безбедносната ситуација е нарушена поради растечкиот конфликт помеѓу организираните криминални групи“ и беше одлучено да се организираат тимови од претставници од неколку институции: канцеларијата на државното обвинителство, полицијата и другите органи задолжени за безбедноста, кои треба да се спротивстават на оваа опасност.
Во саботата на пладне на главниот плоштад во Подгорица, пред очите на голем број случајни минувачи и родители со деца, убиецот кој, како што се сомнева полицијата, носел силиконска маска го убил Милош Шаковиќ кој му бил цел, но и Радивоје Јовановиќ, кој е случајна жртва во пресметката, наведува Јутарњи.
Два дена претходно, на друг плоштад во Подгорица, пред десетина сведоци, бомба која била поставена под неговиот блиндиран автомобил го уби Дражен Чаѓеновиќ, кој се поврзува со еден од мафијашките кланови во Црна Гора.
По овие убиства директорот на црногорската полиција Славко Стојановиќ поднесе оставка, а премиерот Душко Марковиќ, свика итна седница на Советот за национална безбедност.
Четири години трае судирот меѓу двата најмоќни црногорски криминални клана „шкаљарскиот“ и „кавачкиот“, кои имињта ги добиле по населбите Шкаљари и Кавач во Котор од каде потекнуваат, а во кој досега се убиени повеќе од 20 луѓе, од кои четири се случајни жртви во пресметката.
Конфликтот започна во средината на 2014, когаво шпанската Валенсија „шкаљарите“ украле 200 килограми кокаин од „кавчаните“, пишува весникот.
Конфликтот, според хрватскиот медиум го карактеризира бруталната ликвидација на противниците при што се користи експлозив, снајперски пушки и бомби, додека за ликвидација, како што верува полицијата, се ангажирани убијци од регионот.
Во обид да го запре конфликтот црногорската полиција во последната половина година спроведе изненадни контроли на повеќе од сто безбедносно интересни личности од кои е запленето оружје, експлозив и т.н. „криптирани“ мобилни телефони, кои не може да бидат прислушувани.
И двата криминални клана се занимаваат со трговија со дрога, од што заработиле огромни суми на пари со кои ја финансираат нивната меѓусебна војна, заклучува Јутарњи лист во текстот.
Подготви: А.Ј.
ФОТО: Вијести, САВО ПРЕЛЕВИЌ