Доаѓа 5G, ќе направи револуција во нашите животи

Студентите на ФЕИТ меѓу првите ќе ја тестираат новата  технологија што ќе се воведе во Европа по 2020 година.

981

Денеска, во Скопје, по повод 17 мај – Светскиот ден на телекомуникациите, Македонски Телеком и ФЕИТ објавија партнерство за тестирање на 5G технологија.
Македонски Телеком ќе инсталира 5G опрема и уреди за тестирање со што ќе им овозможи на студентите и професорите први да работат на функционалностите на овој нов технолошки стандард. Добиените резултати ќе се користат за научни цели и унапредувања на услугите кои во иднина ќе им бидат достапни на корисниците.

Тестирањата ќе се прават на новата опрема од Македонски Телеком и во новата „5G Evolution Laboratory“ во рамки на Лабораторијата за безжични и мобилни мрежи, која припаѓа на Институтот за телекомуникации на ФЕИТ.

– Нашите професори и студенти повеќепати се наградувани со престижни признанија за проекти што се развивале во постојната лабораторија. Отсега, со новата 5G опрема и уреди, во новоформираната лабораторија ќе ја имаме првата и единствена можност во земјава за тестирање, експериментирање и проучување на реални сценарија поврзани со идните технологии. Реалното тестирање на оваа технологија ќе им даде голема предност на нашите професори, соработници и студенти и сигурна сум дека ќе продуцира нови решенија и иновации – изјави Лилјана Гавриловска, редовен професор на ФЕИТ.

5G или мрежата на петтата генерација во наредните години не само што ќе донесе огромни брзини на пренос на податоци преку интернет и комуникација во реално време, туку целосно ќе го смени начинот на којшто функционира нашето општество.

– Ние интензивно работиме на подготовки за воведување 5G и планираме инвестиции во мрежата за таа намена. Минатата година го изведовме првото 5G демо во регионот, а до крајот на годинава ќе имаме платформа со која ќе добиеме искуства во реално опкружување. Потребни се уште многу тестирања, но сè повеќе се доближуваме до комерцијалната фаза. Партнерството со ФЕИТ е уште еден чекор кон развој на 5G технологиите, но и многу повеќе од тоа, затоа што ќе им даде предност на студентите, идните телекомуникациски професионалци, и на професорите први да ја тестираат новата револуционерна технологија која сè уште целосно не е воведена во Европа – изјави Никола Љушев, главен извршен директор на Македонски Телеком.

„5G Evolution Laboratory“ е новоформирана лабораторија во рамките на Лабораторијата за безжични и мобилни мрежи при Институтот за телекомуникации. Лабораторијата е опремена преку НАТО проект за емулација на 5G јадрена мрежа и виртуелен радио пристап, користејќи софтверски дефинирано радио. Преку соработката со Македонски Телеком, „5G Evolution Laboratory“ дополнително ќе се надгради со реални 5G уреди за тестирање на перформансите и ќе прерасне во најсовремена лабораторија во земјата каде што ќе се тестираат 5G мобилни технологии и системи.

Лабораторијата за безжични и мобилни мрежи досега се користеше за проекти од областа на безжичните и мобилните комуникации со примена кај 3G и 4G мрежите. Станува збор за истражувачка лабораторија во која се извршуваат истражувања и тестирања поврзани со тековните проекти и иновативни технолошки решенија (виртуелизација, мапи за радио покриеност, динамичен пристап кон спектар, интелигентни инфраструктури, само/организирачки мрежи и друго). Лабораторијата е акредитирана и за Мерења на карактеристики и сообразност на радио опрема и Мерења на радио спектар. Во оваа лабораторија досега се реализирани повеќе проекти од областа на безжичните и мобилните комуникации, како и студентски истражувања во рамките на дипломски, магистерски и докторски трудови. Членовите на лабораторијата повеќепати се наградувани со престижни меѓународни признанија. Опремата, подигањето на хардверската платформа и новиот софтвер ќе овозможат тестирања на најновите мобилни технологии и системи со што академскиот кадар заедно со студентите ќе имаат можност да работат во првата лабораторија за тестирање на 5G во земјава.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...