Дека во Диво Насеље нема докази за делото тероризам и оти е оштетена одбраната во текот на судската постапка која се водеше пред Кривичниот суд во Скопје, се главните аргументи кои може да се сумираат од излагањата на адвокатите пред скопска Апелација, каде денеска се разгледуваат жалбите за првостепената пресуда.
Една од адвокатките, Артене Асени, меѓу другото, во нејзиното излагање тврдеше дека обвинителството немало цврсти докази за тоа што е наведено во обвинението. Таа посочи дека е наведено оти групата се организирала на почетокот на 2015, па праша кога е тој почеток.
– Според доказите испаѓа дека групата е формирана на 30 февруари 2015 – рече Асени.
Таа наведе дека во пресудата не се наведува кои објекти ги користела групата, кои членови кое оружје го пренесувале преку граница, кои се тие конкретни задачи кои ги имале обвинетите итн.
– Ако обвинителството сакало да направи опис за тероризам морало многу повеќе да се потруди, но за да се направи тоа требаат докази – рече адвокатката.
Денеска треба дa заврши образложувањето на жалбите на адвокатите, како и на обвинителството кое има поднесено жалби само за четирите ослободителни пресуди во предметот.
За потсетување, осудителни пресуди од кривичниот суд добија 33 лица. Седуммина добија доживотен затвор, 13 беа осудени на по 40 години, шестмина на 20 години, еден на 18, двајца добија по 14, други двајца по 13, а уште двајца беа осудени на по 12 години.
Прв осомничен во случајот е Сами Укшини, познат како командант Соколи, кој е еден од 13-те кои добија по 40 години.
Судскиот процес за чија пресуда вчера и денеска се разгледуваат жалбите пред првостепениот суд започна на 9 февруари 2016 година, а пресудата Кривичен ја изрече на 2 ноември 2017.
Во крвавите настани во Куманово, во престрелка помеѓу оваа група и припадници на македонските безбедносни сили беа убиени осум припадници на МВР, а повеќе од 30 беа ранети.