Локалните власти во општината Аеродром ги предупредуваат граѓаните дека по парковите има расфрлано отров и ги повикуваат скопјани ако забележат таква појава веднаш да пријават во полиција.
„Во текот на вчерашниот ден добивме информации дека на јавните површини во Општина Аеродром има расфрлено отров, со што се загрозува животот на животните и на луѓето. Инспекциските служби на Општина Аеродром се на терен, а сезонските работници го пребаруваат секој сомнителен реон“, се вели во информацијата од опшината Аеродром.
Општина Аеродром ја информира полицијата и апелира до граѓаните да не поставуваат штетни материи на јавни површини, кои претставуваат опасност за домашните миленици, бездомните животни и децата што си играат во парковите.
„Доколку забележите супстанција за која сметате дека е опасна, пријавете во полициската станица „Аеродром“ на телефонскиот број 02/2432-362. Исклучително е важно да не допирате ништо и да не ја напуштате локацијата сѐ додека не дојде претставник од полициската станица“, информира општина Аеродром.