Граѓанското општество – страшило кое сѐ уште кружи

448

Изминатата недела, сосема разбирливо (и предвидливо) поради разни „поважни“ настани, на сите ни „кидна“ една многу важна вест. Имено, министерката Радмила Шеќеринска изјави отприлика вака: „Ставен е конечен крај на прогонот на граѓанските организации, нарачан во ‘Ноќта на долгите ножеви’ на режимот на Груевски“.

Воопшто не сакам да се навраќам на таа организирана хајка, но ред би било (а богами и фер!), да се вратиме уште еднаш на суштината: земја која се стреми за влез во Европа, не смее да помисли да репресира и гони луѓе од граѓанското (цивилно!) општество. Но, ајде уште еднаш да се обидеме да разбереме, барем онолку колку што е возможно.

Во 2016 година, Груевски направи хајка против невладините организации: покрај вербална агресија и експлицитните закани, што уште имавме? Груевски граѓанското општество и невладините организации ги користеше за синоними, сѐ со цел, „институциите на системот“ да влезат во прогон на 22 јасно таргетирани организации и нивните формално-правни претставници. Груевски граѓанското општество го гледаше како „сушта“ спротивност на она што Македонија треба да биде.

Уште нешто: Груевски ја гледаше Македонија како нешто неспоиво со граѓанското општество. На крајот, тој лично се изедначуваше со Македонија, што инаку му беше манир, сосема во склад со метафората: „државата, тоа сум јас“ – односно Никола Груевски се гадеше од граѓанското општество и невладините организации.

А сега, дозволете ми да го кажам тоа што ми се чини дека денес се заборава; граѓанското општество е сложен поим со богата историја. Како таков, граѓанското општество има своја дескриптивна, ама и своја нормативна страна. Да појдеме од дескриптивната, и да кажеме веднаш: што и да мислеше Груевски, што и да мислеше секој еден релативно упатен граѓанин во оваа земја, Северна Македонија е граѓанско општество: додека сѐ уште нешто постои како олицетворение на модерна држава, оваа земја ќе биде граѓанско општество, во пркос на сите тоталитарни и диктаторски обиди, без разлика што некој денес мисли во владата, и без разлика кои им се намерите.

Во оној дел од оваа земја која припаѓа на цивилизираниот свет, Северна Македонија е граѓанско општество, иако во својата не така далечна историја падна во варварство, ама сепак, од тоа варварство оваа земја се подигна благодарение на цивилното и граѓанското општество. Нека и актуелниот премиер го има ова на ум: граѓанското општество во оваа земја ќе преживее.

Натаму, чисто како пример: Зоран Заев е дел од граѓанското општество? Се разбира дека е, да речеме дека како обичен граѓанин се шета на улица, што значи дека се наоѓа на јавен простор, а не е на работа (што сепак би морале да ја замислиме таа ситуација, бидејќи во спротивно – тоа не би била нормална состојба), тој не може да биде ништо друго освен припадник на граѓанското општество, без разлика што за тоа мислел премиерот, или било кој друг висок функционер во оваа земја. Така што, кај нас сѐ уште кружи „баукот за граѓанското општество“. Од друга страна, сите граѓани и функционери, надвор од своите работни места, се дел од граѓанското општество.

Сосема едноставно да се изразам, во својата дескриптивна „денотација“, граѓанското општество е сѐ она што се однесува за колективниот живот на поединецот, граѓанското општество се однесува на заедница на слободни граѓани. Оттука, се воведува и поимот (и сфаќањето) на правната држава, така што граѓанското општество се однесува и на заедничкото делување на слободните граѓани на основ на закони според кои се гарантирани човековите и политичките права, а со цел да се одбранат од злоупотреби кои се гарантирани од социјалните, политичките и економските права. Синдикатите се добар пример за таквото организирање (но, кај нас, тоа е голема и болна тема, за која не би сакал во овој текст да навлегувам).

Граѓанското општество беше еден од клучните елементи за создавање модерна држава, им ја ограничуваше моќта на монархиите. На почетокот на модерното време, созреа свеста дека легитимна е онаа власт која му одговара на општото добро и го штити општото добро. Притоа, што е тоа „општо добро“ не го одредува власта, туку за тоа се добива согласност внатре во граѓанското општество разменувајќи мислења на слободните граѓани. Легитимитетот не се формира од условите кои власта ги наметнува, туку зависи непосредно од согласноста која се формира внатре во граѓанското општество.

После 17 и 18 век, следен важен период за граѓанското општество беше втората половина од 20 век за земјите од таканаречениот „источен блок“. И тогаш имаше властодршци кои веруваа дека измеѓу приватниот домен и државата не смее да постојат простори за заедничко делување на слободните граѓани.

Со други зборови, секое јавно делување морало да се одвива под закрила и контрола на државата и нејзините институции. Меѓутоа, и денес поединци пронаоѓаат начин да формираат јавен простор за своето делување. Има еден брилијантен есеј на Вацлав Хавел кој се нарекува „Моќ на немоќните“. Тоа е есеј за важноста на вистината и улогата на граѓанското општество во борбата против тоталитарните режими.

Да резимираме, Груевски беше евтин шибицар со уличарски манири, претседател на влада што наметна идеја дека невладините организации се странски агентури и платеници. Или во соголен превод: секој еден што зборува за слободата на граѓаните и нивната меѓусебна солидарност е ништо друго освен – странски платеник. Од друга страна, секоја власт тежнее да биде тоталитарна, и секој јавен простор сака да го контролира.

Мене, да бидам совршено искрен, не ме чуди што има во главите на лидерите, ме чуди што сѐ може да излезе од нивната уста во јавниот говор. На крајот, секој оној што ќе гони граѓани и граѓански организации, да се повикам на една слободарска традиција: смрди на нечовечност!

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...