Дозволете ми да ја изразам мојата голема благодарност за поканата и за честа што ми е укажана да бидам заедно со вас, на ифтар, за време на Светиот месец Рамазан, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето на ифтарска вечера организирана од Стопанската комора на Северо-Западна Македонија.
– Најважниот и најсветиот месец во духовниот живот на припадниците на Исламот повикува уште еднаш да ги афирмираме вредностите на простување и сочувствување, на толеранција и на почитување на другите. Рамазан е и празник кој не учи дека сите имаме должност да им помагаме на другите, да реагираме и да помагаме да се исправи неправдата, ако му е некому нанесена. Да го даваме најдоброто од себе за да создаваме заедница во која сите сме еднакви. Наша должност е да си служиме и да си помагаме едни на други – рече Заев.
Тој додаде дека овие вредности се испреплетуваат низ сите вредносни системи на различните верски традиции во нашата земја и дека тоа е големата вредност на овие наши заеднички простори во кои сме упатени едни на други зашто цврсто не поврзуваат вековните меѓусебни уважувања.
– Посебно ми причинува задоволство што вечерва сум меѓу пријатели, сонародници, со кои заеднички ги делиме сите предизвици на нашето заедничко општество. Партнерскиот однос и меѓусебната соработка што ги воспоставивме со Стопанската комора на Северо-Западна Македонија и со бизнис заедницата од овој регион е од огромно значење за успехот и исчекорот напред на нашите економски политики, во интерес на граѓаните и секако на компаниите. Тоа е здрава и стабилна основа на којашто ја поставивме нашата земја – рече премиерот.
Освен Заев свое обраќање имаше и шефот на државата Стево Пендаровски и претседателот на стопанската комора на Северо-Западна Македонија, Неби Хоџа, кој им заблагодари за присуството на сите гости. На оваа ифтарска вечер присутни беа и вицепремиерите Кочо Анѓушев и Бујар Османи, министрите Крешник Бектеши, Дамјан Манчевски и Едмонд Адеми.