Мразам да заривам нож кога некој е во мака, да тепам мртви германци кога одамна се легнати на земја, како што многу луѓе кои тука морализираат тоа го правеа со години и не им пречеше, ниту пак им пречи кога станува збор за луѓе кои не се од нивниот табор.
Се имаше причини и оправдување за таквото однесување, се имаше монструм и тоа е јасно, но попат се изгуби и личната одговорност и суштината за посебниот случај. Така да, не морализирајте, сите паднавме во истата стапица, се издресиравме на линч и варварство, се помиривме и премногу да игнорираме колку навистина сме оштетени од годините на режимот.
Се научивме на варварство со варварство да вратиме, со стомак на стомак, канџи против канџи, одговорност евоцирана како смртна казна, како народна екстаза, линч како начин на решавање на проблемите и неодговорностите.
Ние сме лажно мирно општество, во суштина крвничко, жедно за терор и омраза, несигурно во себе, монструозно колку и монструмите кои мислиме дека ги убиваме.
Павле го осети тоа на свој грб заради лична одговорност од која тешко ќе избега, од која не треба да избега, напротив, треба да ја прегрне.
Се покажа дека разочарал премногу луѓе во очекувањата, што нѐ е претешко во оваа средина.
Но млад е, има време да направи чекор назад, за после да се исправи како попаметен и помудар.
Велат има процедури и во овој случај, па да видиме, направете нешто според книга, направете да не биде како со Спасовски, премиерот да одлучува дали имало морален хазард или не, направете да има систем кој непартиски и објективно ќе утврди одговорност и како навистина стојат фактите.
Сѐ друго е само иживување врз нас самите, врз човекот во прашање, врз правдата и моралот.
Овој проблем тангира и многу други прашања, прашањето на лесните дроги, одговорноста на нашите пратеници, насилството кое се наметнува врз граѓанинот и активистите, со други зборови проблемот е и политички, и за него мора да има и политички решенија.
Значи, потребни се и структурални промени и закони, сериозни кампањи, програми кои нешто ќе решат, не само да се мавтаат пред народот, со други зборови од ова треба да излезе една политика, не само политика на судир.
Засега делува дека ја има многу малку политиката во политиката на промени која ни беше ветувана.