Хан: Северна Македонија направи многу и неправедно е сега да биде казнета

532
ФОТО: EPA / STEPHANIE LECOCQ

Северна Македонија направи многу, оценува еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за Дојче веле и објаснува дека секоја земја кандидат за членство во ЕУ ќе биде оценувана одделно врз основа на својот напредок и постигнувања.

Тој не ја исклучува можноста земјава и Албанија да се одвојат од процесот на приближување кон ЕУ.

– Мојата цел е двете земји истовремено да добијат датум за почеток на преговори, затоа што истовремено го претставуваме и извештајот. Но не можам да го предвидам процесот на донесување одлуки во земјите-членки. Факт е дека Северна Македонија направи многу и притоа, не само во рамките на она што ние го баравме, туку исто така и со решавањето на спорот за името, но и со решавањето на билатералниот конфликт со Бугарија. Северна Македонија создаде еден предуслов со што стана единствената земја во регионот која нема конфликт со ниту еден сосед – вели Хан.

На прашањето дали тоа значи дека доколку во Албанија не се постигне некаков компромис, Северна Македонија ќе може да ги отвори преговорите со ЕУ, Хан одговара:

– Нашиот став отсекогаш е дека секој одделен процес, односно преговорите за проширување, се процес кој се базира врз заслуги и постигнувања на секоја одделна земја. Нема да биде фер доколку една земја треба да чека некоја друга, ако таа не испорачува. Тоа е основата. Секако, би било идеално, кога сите шест (земји од Западниот Балкан, н.з.) се приклучат во исто време, но тоа е нереално. Истовремено, неправедно е некој, кој силно се ангажирал, кој изнаоѓал решенија, кој е подготвен на компромис, кој донесува тешки одлуки, сега да биде казнет, затоа што е подобар.

Хан, како што нагласува, ќе се обидува до последен момент, колку што е можно побрзо да се донесе одлуката почетокот на преговорите да се најде на дневен ред на Европскиот совет.

– Ние не се откажуваме. Ќе се обидувам до последен момент, колку е можно побрзо да се донесе одлука. Сметам дека по тоа прашање ние си должиме себеси, но и на нашите партнери, кога партнерот ќе испорача како што договорил со нас, а од друга страна и ние сме го предложиле тоа како услов, врз основа на едногласна одлука на земјите-членки, тогаш мораме и ние нашето ветување да го испочитуваме – наведува еврокомесарот во интервјуто за Дојче веле.

Фото: EK/EPA/STEPHANIE LECOCQ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...