Формула 1 сака африканска трка, а Мароко и Република Јужна Африка се најверојатните дестинации за натпревари, изјави маркетинг директорот Шон Брачес. Руанда и Нигерија се две други земји кои се заинтересирани за организација на трка.
– Ова е една од дестинациите, за кои се интересираме. Во моментов имаме трки на пет континенти и единствениот без Формула 1 е токму Африка. Имаме доста продуктивни разговори со Република Јужна Африка и до помал степен со Мароко за ГН, па така нешто се прави за ова прашање, кое ни е важно – рече тој.
Брачес додаде дека Мароканците преферираат градска трка во Маракеш, а властите гледаат на оваа опција како можност за раст и туризам. Оваа земја веќе е домаќин на трка од Формула Е сериите.
– Многу трки се поддржани од Владата и тоа функционира. Ние им помагаме на овие градови – додаде Брачес.