Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) го очекува известувањето од Министерството за внатрешни работи во врска со наводите што ги пријавил пратеникот Павле Богоевски во полициска станица, со пропратна документација. По приемот на ова известување, ќе бидат направени сите проверки согласно Законот за кривична постапка, одговараат од ОЈО на прашања на Плусинфо за мерките што ги презема, откако вчера пратеникот Богоевски откри дека во нелегално снимениот разговор, кој беше објавен на наводна руска социјална мрежа, нарачувал масло од канабис за болен член на семејството, а не кокаин, како што беше обвинет во постот.
Богоевски вчера откри дека неговиот разговор бил снимен додека се возел во такси возило и затоа на снимката се слуша само неговиот глас. Разговорот е од пред неколку месеци.
„Околу снимката од разговорот која беше објавена на една социјална мрежа, по напатствија на Основното јавно обвинителство Скопје, Министерството за внатрешни работи како овластен орган за откривање на сторителите на кривични дела продолжува да презема мерки и активности заради утврдување на идентитетот на сопственикот на наведениот профил на кој беа објавени снимките. Откако идентитетот ќе биде утврден и ќе бидат обезбедени релевантни докази, Министерството за внатрешни работи ќе го извести Јавното обвинителство за да преземе кривичен прогон. Околу содржината на снимениот разговор исто така ќе бидат направени проверки за да се утврди дали постојат елементи на сторено кривично дело“, се вели во известувањето од ОЈО.