Во Регулаторна комисија за енергетика ќе седнат професионалци кои ја познаваат состојбата во енергетиката и нема да бидат политички кадри, изјави денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев на заедничката прес конференција со министерот за економија Крешник Бектеши на која информираа за новиот Закон за енегретика.
Претседателот и два члена на Регулаторната комисија за енергетика, како што информира на прес-конференцијата Анѓушев, ќе бидат сменети во рок од 90 дена од стапување во сила на Законот.
– Иако претседателот на Комисијата го предлага Владата, важно е кој човек ќе биде предложен. Ќе има конкурс на кој ќе се јават професионалци. Се надевам дека ќе се јават квалитетни луѓе – рече Анѓушев.
Тој појасни дека според европските критериуми членовите на Комисијата треба да ротираат.
Анѓушев прокоментира и дека моментално претседателот на РЕК не е воопшто независен и е член на политичка партија.
– Дали сега претседателот на РЕК е независен. Не тој е зависен од опозицијата и е припадник на политичка партија – прокоментира Анѓушев.