Седум големи интернет компании и социјални мрежи заедно со десетина земји, денеска во Париз потпишаа Повелба за отстранување на насилни, терористички и екстремистички содржини од интернет.
Иницијатор на Повелбата беше новозеландската премиерка Џасинда Ардерн, откако на Фејсбук во живо беше пренесуван нападот на еден бел супремацист врз две џамии во градот Крајстчрч на Нов Зеланд, што се случи во март годинава. Снимката беше отстранета од Фејсбук 17 минути по нејзиното објавување.
Седум интернет компании – Фејсбук, Јутјуб, Гугл, Амазон, Твитер, Мајкрософт и Дејлимоушн, со Повелбата се обврзуваат дека ќе обезбедуваат „непосредно и трајно” отстранување на онлајн терористички и насилни екстремистички содржини.
Тие, исто така, ќе ги следат „алгоритмите и другите елементи што можат да ги насочат корисниците кон терористичка и насилна екстремистичка содржина”.
– Ова е настан без преседан, бидејќи денеска имаме договор што вклучува влади и технолошките компании – изјави Ардерн по средбата во Париз посветена на спречувањето на ширењето на насилни содржини преку интернет.
Покрај, Нов Зеланд, меѓу земјите потписници на Повелбата се и Велика Британија, Индонезија, Ирска, Јордан, Канада, Норвешка, Сенегал и Франција, како и Европската Унија.
Следната средба посветена на ова прашање е предвидена за во септември, за кога се очекува кон Повелбата да се приклучат и други држави и компании.