Здравствена заштита од болнички инфекции, унапредување на системот за стерилизација и намалување на ризикот од пост-оперативни инфекции ќе овозможи јавното-приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати, што е економски модел за долгорочно инвестирање во здравствениот систем. Тоа вклучува нови инструменти за сите установи каде се вршат хирушки интервенции, според најсовремени европски стандарди, стерилизиран веш што ќе биде доставуван до нив, соодветно чистење и дезинфекција на операционите сали, такво какво што во овој момент немаме после секоја интервенција и соодветно третирање на многу места на медицинскиот отпад.
Ова вечерва го истакна министерот за здравство Венко Филипче во емисијата Топ тема на ваша страна на телевизијата Телма, осврнувајќи се на обвинувањата на партијата ВМРО-ДПМНЕ, која смета дека е на повидок скандал за централизирање на стерилизација на клиниките со објавениот тендер во вредност од 13,7 милиони евра.
– Ги слушав обвинувањата и можам да кажам дека или не ја прочитале добро документација или не ја разбрале или мислат дека набавките одат како во нивно време. Тоа се беспредметни обвинувања. Впрочем уште еден доказ се одлуките на Основното јавно обвинителство за сите други набавки за кои ме обвинуваа дека нема никаква одговорност, дека се кристално чисти набавките – истакна Филипче.
Тој рече дека сите хирушки институции во државава од четири Регионални центри за интегриран менаџмент за стерилизација, треба да добијат нови инструменти, целосно заменети сетови кои на некои места се стари со години.
Секаде во сите болници во нашата држава каде се прават хирушки интервенции, појасни, соочени сме со многу стари инструменти, со многу стар начин на стерилизација на инструментите и на вешот и со многу нестандардизиран начин на чистење на операционите сали.
– Сведоци сме дека многу често се јавуваат и инфекции. Сакаме да донесеме нови инструменти, нов тип тип веш односно хартиен каков што се користи во сите современи центри. Приватното-јавно партнерство е еден од најдобрите модели што треба да се имплементира. Станува збор за 15-тина милиони евра кои треба да ги вложи потенцијалниот приватен партнер. Со тоа се штедиме од огромна инвестиција, затоа што секако ги даваме парите за стерилизација на веш, инструменти, за чистење на салите и никаде од тоа немаме соодветни стандарди. Целта е да се достигнат соодветни стандарди, ние да не вложиме, туку само да исплатиме со парите што секако ги трошиме. Ова се европски модели кои планираме да ги имплементираме не само на полето на стерилизација, туку и во многу други сфери во нашиот здравствен систем – рече Филипче.
Предвидено е, нагласи, концесијата да биде 15 години, тоа да биде инвестиција во рок од 15 години, а ниту една јавно здравствена институција да не го зголеми трошокот во однос на тоа што е сега во овој момент, освен во делот како што предвидува и физибилити студијата доколку постои некаква инфлација кога може да има зголемување на трошокот.
– Тендерот завршува за 10-тина дена, по што ќе има отворање на понудите. Целата постапка е отворена, транспарентна, секој може да има увид, консултиравме врвни експерти. Ова е чекор кој ќе донесе најдобри резултати и најмногу ќе придонесе кон квалитетна здравствена услуга за граѓаните, а со тоа и добар исход од лекувањето на пациентите посебно на оние на кои им е потребна хирушка интервенција. На тендерот може да учествуваат и странски компании – додаде Филипче.