Министерството за образование и наука (МОН) распиша оглас за нови вработувања во кој се бара помлад соработник кој ќе ги спроведува јавните набавки со завршени студии по правни науки, кинезиологија или политички науки.
На прашање на Плусинфо, што ќе му е масер на секторот за јавни набавки, во МОН објаснуваат дека работното место за кое сега е објавен огласот е според старата систематизација на работни места. Масерот би вработен на 6 мај во 2011 година, а во 2014 добил потврда за положен испит за јавни набавки од Министерството за финасии. Во 2011 министер за образование во првата половина на годината до 5 јуни беше Никола Тодоров, а потоа го наследи Панче Кралев.
На нашето прашање зошто МОН повторно на оглас бара масер, ако тој што го вработил Тодоров, во 2014 година положил испит за јавни набавки и зошто не е е исправена систематизацијата од претходната власт, во Министерството ни рекоа дека дополнително ќе пратат објаснување со сите детали за вработувањето на кинезиологот.
Кинезиологија е наука за движењето, а се опишува како дополнителна или алтернативна терапија која, при следењето на мускулите, се обидува да ја пронајде причината за нерамнотежата во телото.
Најчесто се користи при здравствени проблеми, како што се стрес, заболувања на мускулите, проблеми со исхраната, емоционални проблеми, тешкотии со учењето и однесувањето.