РСЕ: ЕУ на 23 јули ќе одлучува за можното отворање на преговори со Северна Македонија

Финска, која го презема претседателството на ЕУ на 1-ви јули, на својата агенда го закажа министерскиот состанок на 23-ти јули.Главната, ако не и единствена тема, на овој состанок ќе биде отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, во согласност со препораката на Европската комисија.

587

Земјите членки на Европската Унија, најверојатно, на 23 јули ќе одлучуваат за евентуалното отворање на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, дознава Радио Слободна Европа од добро информирани извори. Меѓутоа, во најдоброто можно сценарио, овие преговори не би можеле да започнат пред крајот на оваа година, поради неопходните процедури во ЕУ.

Европската комисија ќе го објави овогодишниот пакет на проширување на 29 мај, во кој меѓу другото ќе им препорача на земјите – членки отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Ова, како што наведува РСЕ во текстот, потврдено е од авторот на препораката, европскиот комесар за проширувањето Јоанес Хан.

Според веќе воспоставената пракса, министрите за надворешни работи на ЕУ разговараат за прашања за проширување и наодите од пакетот за проширување, на првиот редовен состанок, веднаш по објавувањето на овој документ.

Следниот редовен состанок на министрите на ЕУ е закажан за 18 јуни. Меѓутоа, како што за РСЕ објаснуваат европските извори, на некои земји во ЕУ им е потребна согласност од националните парламенти, па оттука временската рамка помеѓу објавувањето на пакетот за проширување и следниот министерски состанок е многу мала за да се испочитуваат сите процедури. Затоа најверојатно дебатата за проширувањето ќе се помести за министерски состанок во јули.

Финска, која го презема претседателството на ЕУ на 1-ви јули, на својата агенда го закажа министерскиот состанок на 23-ти јули.

Главната, ако не и единствена тема, на овој состанок ќе биде отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, во согласност со препораката на Европската комисија.

– Сепак, според расположението на земјите – членки, како што оценува РСЕ, само Северна Македонија може да се надева на позитивен исход во јули, бидејќи се смета дека ги исполнила сите услови за отворање на преговорите, вклучително и решавањето на билатералните спорови со соседните земји – оценува РСЕ.

Изворите од ЕУ го потврдуваат напредокот на Албанија во исполнувањето на критериумите, „првенствено кога станува збор за правосудските реформи, меѓутоа, според кажувањата на многу официјални претставници на ЕУ, внатрешната политичка ситуација „засега” не е погодна за носење на одлука за отворање пристапни преговори со ЕУ, наведува РСЕ.

Инаку, без оглед на дебатата и принципиелната одлука која можат да ја донесат министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот во јули, сериозните прашања поврзани со проширувањето, како што е отворањето на пристапните преговори со ЕУ, е во исклучива надлежност на шефовите на држави и влади на земјите-членки.

Минатата година, кога беше одржана начелна дебата за почеток на пристапните преговори со Македонија, ЕУ преку заклучоците се обврза дека „ќе го одреди патот за отворање на преговорите за пристап на состаноко во јуни 2019 година”. Во случај на прескокнување на состанокот во јуни, што се повеќе и повеќе е сигурно, тогаш конечната одлука за почеток на пристапните преговори треба да се очекува на следниот редовен собир на шефови на држави и влади на земјите членки на ЕУ, кој ќе се одржи во октомври оваа година, констатира РСЕ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...