Владата на Република Македонија денеска од 12 часот ќе ја одржи својата редовна 62. седница на чиј дневен ред, меѓу другото, ќе биде ставена на одобрување нацрт-одлуката за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 и висината на закупнината.
На денешната седница Владата ќе ја разгледа и информацијата во врска со донесување на Национална стратегија за мали и средни претпријатија (2018-2023), со Предлог-стратегија и Акциски план.
На предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата денеска ќе го утврдува текстот на Предлог-законот за странци и ќе ја разгледа информацијата со Предлог – Акциски план за воспоставување надворешен механизам за контрола над работата на лицата со полициски овластувања и припадниците на затворската полиција.
Владата ќе се произнесе и во однос на иницијативата на Управата за заштита на културното наследство за прогласување на манастирот „Св. Андреја“ во Матка, во општина Сарај, за културно наследство од особено значење, во поткатегорија големо значење, за Република Македонија.
Предвидени се и други точки од планот за работа на Владата и од интерес на граѓаните.