Руралниот развој, општините, државата и земјоделството

413

Иако процесот на децентрализација во Македонија официјално се спроведува веќе речиси 15 години, реалните ефекти од тој процес се уште се занемарливи. Во текот на спроведувањето на процесот на децентрализација се отвораат низа прашања на кои сеуште се бараат одговори, а со тоа се успорува нејзиното натамошно спроведување во практиката. Ако се имаат предвид општите проблеми кои постојат во скоро сите системи на државната власт, не е чудо што Македонија сè уште е една од фискално најцентрализираните држави во Европа во која најголем дел од општините немаат доволно финансиски средства за успешно да ги извршуваат законските надлежности и да обезбедат квалитетни услуги за граѓаните. Сигурно дека во почетоците на осамостојувањето на државата одредена улога во централизирањето на власта имале и напорите за воспоставување независна и самостојна држава, преминот кон повеќепартиски систем и пазарна економија, што логично ја наметнало и потребата за што поголемо зацврстување на деловите на управниот систем својствен за секоја самостојна држава.

Но, со текот на времето, се менуваат  приликите и приоритетите, а и потребите и на граѓаните, и на стопанството и на државата. Токму во таа насока, децентрализацијата на државната власт и спроведувањето на надлежностите на урбанизмот, комуналните дејности, предучилишното воспитување, основното и средното образование, основната здравствена заштита, социјалната и детската заштита, културата, спортот и многу други прашања конечно би требало да станат прашања од надлежност на единиците на локалната самоуправа, а не на централната власт. Руралниот развој, а со тоа и обезбедувањето на рамномерен регионален развој е прашање кое е од повеќестран интерес и за граѓаните и локалната власт и за државата.

Во моментов, и да е така на хартија, во праксата не е така. Сите овие надлежности, иако навидум локални, во многу аспекти се зависни од централната власт. Една од причините, ако не и најзначајната е непостоењето на соодветен систем на финансирање на единиците на локалната самоуправа, кои ги прави зависни од централната власт. Не е премногу остро ако се каже дека општините во денешни услови имаат средства единствено за покривање на платите на вработените и некои основни тековни активности.

Но, основните прашања што го поставува бизнисот се:

  • Kаде се можностите за инвестициона активност на општините?
  • Постојат ли можности за заживување на јавно-приватното партнерство?
  • Дали вистински се размислува за заживување на руралните подрачја и земјоделството, како една од најзначајните гранки во државата или сето тоа е некако подзаборавено?

Наследените и изострени проблеми сврзани со нерамномерниот регионален развој лимитирачки влијаат врз рационалното користење на расположливите производствени ресурси и на развојот не само на регионите, туку и на земјата во целост, а овластувањата кои локалните власти ги имаат во моментот не оставаат простор за подобрување на состојбите.

Конкретно, на Македонија и недостасуваат економски одржливи рурални заедници кои ќе допринесат во развојот на македонското земјоделство и пласман на македонските производи на странските пазари заснована на балансиран развој во сите региони и потребата да се обезбедат перспективи за раст на руралните области и села. Идејата за „паметни” села не може да се направи изолирано и треба да биде вградена во пошироките стратегии за регионален  развој.

Неопходно е да се намали јазот помеѓу руралните и урбаните области и да се размислува за развивање на потенцијалите за зајакнување на врските меѓу руралните и урбаните области и дигитализација на руралните области, што во овој момент ни изгледа недостижна.

Во вакви услови, кога општините имаат ограничени овластувања и ресурси,  речиси е невозможно да се размислува за зајакнување на активности кои општините би можеле да ги преземаат за унапредување на локалниот економски развој, а со тоа и постигнување на економски раст и развој на државата.

Еден од аспектите кој е еден од најзначајните за да се направи чекор напред во ефикасното спроведување на процесот на децентрализација е и прашањето за руралниот развој, што ќе биде и една од темите на меѓународната конференција на тема Насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија“, што ќе се одржи на 16 мај 2019 година во Стопанската комора на Македонија. На нашите рурални заедници им се потребни работни места, основни услуги, поврзување и паметни транспортни решенија, како и поволна клима за претприемништво. Мора да им се помогне на постојните рурални бизниси да се поврзат, да се интегрираат и да соработуваат подобро со урбаниот бизнис. Руралните области имаат големи можности за развој и тие можат да станат уште попривлечни ако им овозможиме на локалните актери да го откријат својот потенцијал.

Од овие причини, Стопанската комора на Македонија, поттикната од барањата на бизнис-заедницата цени дека е потребно целосно да се спроведе процесот на реформата на локалната самоуправа, кој ги вклучува прашањата за децентрализација на власта, фискална децентрализација, територијална организација, рамномерен регионален развој, развој на руралните подрачја и јакнење на капацитетите на општините. Иако бизнис заедницата е свесна за состојбите и ризиците кои би можел да ги покрене ваквиот процес, апелира да се изнајде соодветно решение за ова прашање, на начин што ќе обезбеди забрзан локален економски развој.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...