Новата учебна година во септември треба да стартува со крупна реформа за основното образование каде во моментов се учи според Кембриџ системот. Барем такви се најавите од Министерството за образование и наука (МОН) каде планираат до почетокот учебната 2019/2020 да се донесе и да стапи на сила нов Закон за основно образование, кој за нив е приоритет во реформирањето на овој дел од образовниот систем.
Еден предог-закон имаше и тој требаше да биде донесен до септември лани, но се повлече, а втората нацрт верзија сѐ уште не е готова. За да се стигне на време, во наредниот период од околу три месеци треба да се заврши нацрт-верзијата на законот, да има јавна расправа, да претрпи измени, да се пушти во собраниска процедура, пратениците да расправаат и да го донесат, па да стапи на сила.
– Веќе во тек е подготовка на втората нацрт верзија, во која се интегрираат сугестиите кои произлегоа од спроведената анализа на образовниот систем кај нас од страна на ОЕЦД и УНИЦЕФ, со поддршка на МОН и останатите засегнати институции. По финализирање на втората нацрт верзија на Законот за основното образование, истата ќе биде ставена на јавна расправа, а потоа откако ќе бидат разгледани евентуалните мислења на пошироката јавност, конечното законско решение како предлог на МОН и Владата ќе се достави во Собранието во понатмошна процедура. Очекуваме овој закон, кој ќе понуди повеќе права и можности за учениците и наставниците, како и унапредување на квалитетот на воспитно-образовниот процес, да биде усвоен и да стапи на сила со почетокот на новата учебна година – велат од МОН.
Пред трампата на ресори меѓу коалиционите партнери во Владата, СДСМ и ДУИ, додека на чело на ова министерство беше Рената Дескоска, се направи една нацрт-верзија на законот. Таа ја промовираше верзијата во април лани и најави дека ќе се донесе до стартот на оваа учебна година, односно до септември лани. Тогаш беа објавени и нови наставни програми за прво, второ и за трето одделение кои исто од септември требаше да стартуваат како пилот проект. Но, во јуни Дескоска замина во Министерството за правда, а нејзиното место го доби Арбер Адеми. Потоа, законот кој беше промовиран и наставните програми се пролонгираа, а учебната година почна по старо. Сега реформите повторно се најавуваат за од септември.
Првата верзија на нацрт-законот предвидуваше дека учебната година ќе нема фиксен број на работни денови туку ќе трае од 175 до 180 дена и со тоа ќе нема одработување во сабота.
Во таа верзија се предвидуваше учениците од прво до трето да имаат најмногу до 20 наставни часа неделно, тие од четврто до шесто најмногу до 25, а од седмо до деветто најмногу до 30 наставни часа неделно. Часот требаше да трае по 40 минути.
Се најавуваше и намалување на прагот за бројност на една паралелка од минимум 24 на 20 ученици.
Како новина Дескоска тогаш најави и дека за наставниците најмалку половина од деновите на траење на зимскиот распуст на учениците ќе бидат платени неработни денови за наставниците, а оние кои покрај настава се ангажираат и за одржувањето на веб-страницата, е-дневникот на училиштето и другите обврски поврзани со компјутерската работа во училиштет, ќе добиваат од три до осум часови во фондот на часови.