Амбасадорот Кајмакџи нагласи дека нема никаква пречка или проблем, можете да бидете спокојни, рече, ние сме Ваш најголем поддржувач во насока на членството во НАТО и имаме намера во најскоро време Турција да го ратификува Протоколот за полноправно членство.
Според него, безбедноста на нашата држава и на Балканот значи безбедност на европскиот континент.
Како претставник на Турција, пријател на земјата велам борбата на Северна Македонија против терористичката организација Фето е многу значајна од аспект на Турција, а е многу значајна и за иднината на Северна Македонија, вели тој во интервјуто меѓудругото и порача дека очекувањата од Турција се сите братски и пријателски земји на Балканот, на чело со Северна Македонија да преземат одлучни чекори во борбата против сите терористички организации, собено против Фето. Тоа, посочува, ќе биде значаен показател за нашето пријателство. Во однос на економската соработка, странските инвестиции, трговската размена, изрази надеж дека во јуни Република Северна Македонија ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ, со што ќе претставува порта и за влез на турските компании преку нашата земја на европскиот пазар.
Во областа на образовaнието, културата, уметноста и гастрономијата имаме многу заеднички вредности, нагласува амбасадорот Кајмакџи, на кого најомиленото јадење му е тавче-гравче, а најдоброто е, вели во еден ресторан во старата скопска чаршија. Потсетува дека една од најомилените народни песни на Кемал Ататурк е „Вардарско поле“.
Двете земји воспоставија дипломатски односи 26 август 1992 година, како ги оценувате билатералните односи во сите овие години?
Нашите односи се подлабоко вкоренети од 1992 година и со осамостојувањето на Република Македонија нашиот конзулат, кој веќе беше овде го трансформиравме во Амбасада на Р. Турција. Може да кажеме дека и пред тој датум ние со денешниве граници со Р. Македонија и со Скопје имавме конзуларни и дипломатски односи. Го следевме несомнено изборот на народот на земјата и како резултат на тоа во тогашно време Р.Македонија ја признавме со тогашното уставно име. Во денешницава имаме нова состојба околу името на земјата, така што и денес, како и во минатото го почитуваме изборот на народот на Македонија. Народот на Р. Турција, народот на Р.Македонија и сите жители на балканскиот полуостров имаме заедничка историја, имаме многу блиски културни вредности, имаме заедничка култура на толеранција, на почитување на различности, имаме заедничка традиција на соживот на различни верувања, убедувања и мислења. Ние сме членка на НАТО и како и во минатото и сега и понатаму ќе продолжиме со безрезервна поддршка кон вашата земја.
Турција беше и остана една од најгласните поддржувачи на земјава во евроатлантски интеграции? Се уште го нема ратификувано Протоколот на членство во НАТО, која е пречката зошто кога сите земји соседи веќе тоа го направија?
Од аспект на Турција немаме никаква пречка или проблем. Бидејќи имавме избори имаме кратко пролонгирање, но од мигот кога повторно ќе стартува со работа Големото Национално Собрание на Турција оваа тема е една од нашите приоритети, која на најбрз можен начин ќе се процесуира. Турција беше една од првите земји која ја призна тогашна Република Македонија и беше единствена која ја призна под уставното име. Можете да бидете спокојни, ние сме Ваш најголем поддржувач во насока на членството во НАТО и имаме намера овој процес да се заврши во најбрз можен рок. Турција во најскоро време ќе го ратификува Протоколот за членство. Досегашниот процес нема никаква директна врска со Македонија, единствената причина во доцнењето е фактот што Парламентот беше затворен поради изборите.
Мoже ли да се каже дека ратификацијата зависи од барањето на Турција за екстрадиција на членови од Фето на територијата на нашата држава?
Ние му посветуваме особено значење на членството на Македонија во НАТО, така што нашата поддршка ќе биде целосна во овој процес, нема да има проблем. Зошто Северна Македонија се зачленува во НАТО- поради нејзината безбедност. Но, кога веќе ја споменуваме безбедноста, тука го имаме фактот на една терористичка организација како Фето или ПКК. Овие се терористички организации кои и штетат на Турција, која е членка на НАТО. Нашите очекувања се да се има разбирање околу заедничките грижи во врска со безбедноста. Во минатото го поддржавме членството во НАТО на многу други земји и не го направивме она што го направија другите земји, како Грција во 2004 година со јужен Кипар за членство во ЕУ. Можевме на времето да речеме доколку не ја примите Турција во ЕУ, ние ќе ставиме вето за членство на земјите од источна и југоисточна Европа во Алијансата, но такво нешто не направивме. Такво нешто не постои во нашата култура. Јас како претставник на Турција, пријател на Македонија кажувам дека борбата на Северна Македонија против Фето е многу значајна од аспект на Турција, а е многу значајна и за иднината на Северна Македонија. Фето е терористичка организација која во своите дејствувања често вршат незаконски снимања, аудио – визуелни записи кои после тоа ги користат за предмет на уцени во насока на нивни интереси.
Како ја оценувате безбедносната состојба на Балканот, вклучувајќи ја и нашата земја?
Безбедноста на Македонија и на Балканот значи безбедност на Европскиот континент. Границите на ЕУ и на НАТО започнуваат со границите на Југоисточниот дел на Турција. Ние како земја која претставува југоисточна граница на НАТО сме една од земјите најголеми носители на товарот на НАТО, така што го поддржуваме зајакнувањето на безбедноста на Балканот со присуството на НАТО. Бевме иницијатори Р. Македонија и покрај тоа што се уште не е полноправна членка на НАТО, но земја која има добиено покана за членство, инсистиравме да присуствува на Самитот на НАТО и во тоа успеавме. Не би сакал да се ограничиме на зборот безбедност, во оваа насока многу е битна борбата против тероризмот. Морам да истакнам дека борбата против терористичката организација Фето е значајна во односите меѓу двете земји. Станува збор за терористичка организација која се обидува да го спречи зајакнувањето на билатерланите односи меѓу Турција и земјата каде се наоѓаат, а особено се присутни во балканските земји. Нашите очекувања се од сите наши братски пријателски земји на Балканот, на чело со Северна Македонија да донесат одлучни чекори во борбата против сите терористички организации, особено против Фето. Тоа ќе биде значаен показател на нашето пријателство.
Училиштата на Фето би можеле да бидат трансферирани на турската државна фондација МАРИФ и би можеле понатаму да дејствуваат како училишта кои ќе придонесат во билатералните односи меѓу Турција и Северна Македонија.
Една од најинтензивните е соработката на армиите на двете земји? Во која насока ќе се движи во иднина?
И даваме обука на армијата, нудиме поддршка и во вид на воена опрема. Соработката може да се продлабочи во иднина со зголемување на обуките и на воената опрема, а би можело да се зголеми обемот на учеството на заеднички операции во рамки на НАТО. Ги имаме и заедничките мисии за безбедност на ЕУ, каде мислам дека Турција и Северна Македонија би можеле заеднички да учествуваат.
Каква е трговската размена, во првите три месеци годинава, споредено со истиот период лани, бележи раст од 5,5 проценти. Лани немавме ниту една посета на турска бизнис делегација?
Трговската размена помеѓу Турција и Северна Македонија во 2018 година изнесуваше 503 милиони американски долари, но тоа не го рефлектира вистинскиот потенцијал. Овој обем може да го зголемиме до една милијарда американски долари. Имавме избори во изминатите месеци во двете земји, но откако ќе ги заокружиме тие процеси веќе подолг период нема да имаме избори во двете земји и политичарите ќе можат да бидат повеќе деловно фокусирани и да работат.
Во следниот период, по иницијатива на амбасадорката во вашата земја ќе реализираме средба на македонско-турска бизнис заедница. И за време на денешните политички консултации во МНР истакнавме и донесовме одлука во најбрз можен рок да ја собереме и мешовитата економска комисија на Турција и Северна Македонија, која е многу значајна. Во рамки на оваа комисија се дискутираат значајни теми од областа на економијата, инвестициите, трговијата и останатите теми. Има претставници и од државниот сектор и од приватниот сектор.
Битни се и инвестициите. До моментот имаме 1,2 милијарди евра на турски компании во Северна Македонија.
Северна Македонија има неколку предности, но има и неколку слаби страни. Една од слабите точки на земјата е мал број на население и гледано од тој аспект, кога се гледа и вреднува само како Македонија, се перцепира од страна на турските компаниии како мал пазар. Се надеваме дека РСМакедонија во најбрз можен рок, дури и во јуни да го започне процесот на преговори во ЕУ. Доколку тоа се реализира, ќе биде позитивна порака за инвеститорите, кои ќе ја перципираат Северна Македонија како една порта за целата ЕУ. Сепак, Македонија има свои предности, се наоѓа во срцето на Балканот, на самиот пат на Турција кон Западот и ние како земја имаме блиски односи сите етнички заедници во Македонија.
Има нешта кои треба да ги направи Северна Македонија, треба на соодветен начин да се објаснат законите и можностите за субвенции на инвеститорите и да се вршат презентации во врска со области кои се приоритетни за земјата, да им се влева гаранција на странските инвеститори. Можеби ќе организираме еден форум за инвестиции на Турција и Северна Македонија, а тоа може да се однесува генерално на целата земја или поединечно на региони. Ако успееме да ги доближиме инвеститорите со домашните авторитети преку непосредни комуникации, сметам дека ќе може да се даде поголема доверба.
Почитуваниот претседател на Турција во неколку прилики има истакнато дека инвестирањата реализирани во балканските земји, ги сметаме како инвестиции реализирани во Турција.
Ние сме деца на едно исто семејство. Среќата, просперитетот и благосостојбата на Балканот значи и благосостојба и просперитет на цела Европа. ЕУ од време на време нашите заложби и внимание кон овие краишта ги карактеризира дефинира како ризик и закана или можеби едноставно се љубоморни на нашите блиски и пријателски односи. Ние сме југоисточни Европејци и си имаме наши автентични манири. Сметаме дека без вклучување на балканските земји и Турција во ЕУ, Унијата нема да биде целосна.
Соработката во областа на културата?
Македонија, особено Битола имаат посебно место во нашата колективна меморија. И Македонија и самата Балканска култура биле дел од изворите кои претставувале инспирација за Мустафа Кемал Ататурк во почетокот на 1920 – тите години во процесот на основање на Република Турција. Нашите граѓани многу често сакаат да ја посетат Македонија и значајна предност е што не постојат визи помеѓу двете земји.
Близу 120 илјади турски граѓани на годишно ниво ја посетуваат Македонија. Пример во ценатарот на Скопје во старата чаршија се чувствуваат како во некој град сличен во Турција и ги споделуваат истите чувства со вас кога јадат тавче гравче. Тоа е едно од моите најомилени јадења.
Имаме чекори во насока на зајакнување на континуитетот на овие културни односи. Се надеваме дека Турскиот културен центар Јунус Емре во најскоро време ќе ја заврши реставрацијата на Куршумли Ан во Скопје, по што тоа место ќе стане туристичка атракција.
Досега на речиси 1.350 студенти од Македонија им се дадени стипендии за студирање во Турција, а оваа година има 50 нови студенти во Турција. Го поттикнуваме доаѓањето на турските студенти во Северна Македонија во рамки на програмата Еразмус. Според нашите податоци, можеме да кажеме дека близу 4.000 студенти од Турција актуелно студираат на различни Универзитети во Македонија.
Му посветуваме внимание и на учењето на турскиот јазик.
Може да организираме саеми и промоции за туризам. Според нашите податоци, близу 220 илјади граѓани на Македонија секоја година ја посетуваат Турција, меѓу примарните избори е морето- летото.
Во областа на образованието, културата, уметноста и гастрономијата имаме многу заеднички вредности. Еве како пример, една од најомилените народни песни на Кемал Ататурк е „Вардарско поле“, вели амбасадорот Кајмакџи во инетрвјуто за МИА.