Мадона не се согласува со бојкот на Евровизија

294

Поп дивата Мадона ја бранеше својата одлука да настапи на Изборот за песна на Евровизија, кој неделава се одржува во Тел Авив, истакнувајќи дека никогаш нема да престане да изведува музика со цел да одговара на нечија политичка програма.

Пропалестински активисти ја обвинија Мадона за „уметнички апартхејд“, инсистирајќи да го бојкотира натпреварувањето во Израел.

– Никогаш нема да престанам да изведувам музика за да бидам соодветна за некоја политичка агенда, ниту пак ќе запрам да зборувам против кршењето на човековите права каде и да е во светот – изјави денеска пејачката.

– Ми се крши срцето секој пат кога ќе слушнам за изгубените невини животи во овој регион и за насилството кое толку често се спроведува заради политичките цели на луѓето кои имаат корист од овој дамнешен конфликт. Се надевам и се молам дека наскоро ќе се ослободиме од овој ужасен циклус на уништување и ќе се создаде нов пат кон мирот – потенцира Мадона.

Но, настапот на Мадона на Евровизија е доведен во прашање, бидејќи пејачката се уште не го потпишала договорот, соопштија организаторите на Евросонг.

– Европската радиодифузна унија никогаш не потврди дека Мадона ќе настапува – изјави извршниот супервизор на натпреварувањето Џон Ола Сенд, јави Би-Би-Си. Тој нагласи дека Мадона не може да настапува без потпишан договор.

Настапот на поп кралицата беше најавен од страна на нејзините американски и британски издавачи, кои прецизираа дека таа ќе отпее песна од новиот албум Madam X, како и постарата песна „Лајк а прејер“.

Сенд истакна дека преговорите се во тек.

– Преговараме, во моментов сме во финална фаза. Но доколку договорот не биде потпишан оваа недела, таа нема да биде на сцената – потенцира Сенд.

Израел е домаќин на натпреварот за Евровизија, откако локалната пејачка Нета Барзилаи победи минатата година. Победничката држава обично е домаќин следната година.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...