Одбележан Денот на Балканските наменски медицински сили

72

Во скопската казарна „Илинден“ денеска беше одбележан Денот на Балканските медицински наменски сили (БМНС) и достигнувањето на нивна целосна оперативна способност.

Воено-медицинската единица БМНС е проект на „Паметна одбрана“, а целта е преку здружување на капацитетите на земјите членки брз одговор на широк спектар ситуации и катастрофи предизвикани од природни или човечки причини, како и оспособување на витални воено-медицински капацитети за меѓународните операции.

Преку овој проект се овозможува подобрување и оспособување на националните воено-медицински капацитети, зајакнување на регионалните воено-медицински капацитети за поддршка на цивилната заедница и оспособување на националните воено-медицински служби за изградба на стандардизирани капацитети со високо ниво на интероперабилност, како во регионот, така и со колективните системи за безбедност.

Во БМНС се шест земји: Северна Македонија, Словенија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија, со поддршка на САД и Норвешка.

Главниот штаб на единицата е со постојано седиште во Скопје.

Крсте Малинковски, претседател на Управниот одбор на Балканските медицински наменски сили во обраќањето пред присутните денеска меѓу другото нагласи дека БМНС  ќе продолжат да се надградуваат и да ги подобруваат нивните капацитети,  за постојано да бидат подготвени да одговорат на предизвиците.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...