Кога ќе земете црвјосана цреша и се обидувате да го отстраните црвот и скапаниот дел од црешата, многу е веројатно дека ќе ви остане само дршката. Така е и кога ќе наследите криминален систем и се обидувате да го реформирате „постапно“, во „фази“, да навлегувате во него, да ги ловите скапаните делови и да се обидувате да ги замените со здраво ткиво, ќе станете исто како црвите кои претходно го разјадувале, само ќе продолжите да го разјадувате системот. Можеби некаде и ќе направите некоја промена, дел од системот ќе заздрави, ако инплантите „се фатат“ на здравото ткиво. Ако не, на здравје „реформите“.
Скандалот со книгата „Млади поети“ покажува многу повеќе од неодговорност на првиот човек на Агенцијата за млади и спорт. Еден искусен издавач, важен за културното богатство на земјава, ми кажа дека прв пат слуша за ваквиот „проект“ на Агенцијата, а тој да ти траел неколку години наназад. На некој начин, одговорноста за овој мизерен анти-културен инцидент е споделена со претходниот раководен кадар.
Или можеби новата, реформска опција (со и без наводници, кој како милува) е одговорна и за тоа што не ја разобличи досегашната пракса, не ја прекина и не воведе нова, според интересите на младите и на слободното општество „за сите“?
Прашањата кои сега мора да се одговорат се однесуваат на целиот проект за „значајното“ издаваштво за млади. Кој го смисли? Колку и кои луѓе го спроведувале? Колку пари потрошиле за овие „легендарни“ издавачки проекти? Што содржеле тие? Колку „големи поети“ имаме како оној ресенчанецот, кои се пријавувале под туѓи имиња, за да задоволат критериум возраст и ништо повеќе од тоа? Дали само партиски поети и поетчиња добивале награди?
По тие одговори, новиот директор треба да даде одговор зошто се одлучил да ја продолжи „вемеровската“ пракса. Па да одговори и дали фантастичниот тираж од 5.000 примероци е вообичаен, по инерција одобрен од новиот директор (зошто по ѓаволите?!). Каде се дистрибуирал тој апсурден отпад, во кој контекст и со која цел? Колку пари чинеле печатењето и дистрибуцијата? Јавноста очекува точно да се опишат процедурите за одобрување проекти, комисии, тендери, повици – накратко – сите критериуми за спроведување на целата постапка, до детали.
Тоа што треба да се случи сега е да се дадат одговори на сите поставени и непоставени прашања за практиките на (сѐ уште) вемеровското агенцииче, кое очигледно има многу пари, штом може да печати книги во тираж десет и повеќе пати поголем од, да речеме, изданијата на „Или-или“ со најреномирани македонски и светски имиња.
И – одговорните за злоупотребите и расипништвото – да ги вратат парите! Нема ништо поедноставно од тоа.
И, муабетот за овој „мал“ скандал се однесува на сите, ама баш на сите, и најмрачни ќошиња на системот. Да се сопре бескрајната спирала од злоупотреби, расипништво, криминал и корупција! Системот нема сам да се поправи само затоа што има нови луѓе на чело на институциите. Нека се и најчесни, ако дозволат да се пее старата песна, криминалот ќе се врати на голема врата, како што најавуваат некои политичари, со други зборови, се разбира.
Прашањето дали директорот знае што е уредник доаѓа на крај и ќе ни послужи за утрински шеги со второто или третото еспресо…
На крајот, следат „безначајните“ прашања. Дали Агенцијата, сега или во минатото, се сетила дека лекови кои се на позитивната листа, ги нема во аптеките веќе на истекот на работното време од првиот ден од месецот? Дека младите се очајни… Функционално неписмени. Чија младост е осакатена. Не ги интересира поезијата, макар и да е светска, туку сакаат да се иселат во странство и никогаш да не се вратат.