Обвинителството сѐ уште ги нема анализите за МРП вакцините, а отвори предмет пред три месеци

407

Скопското обвинителство сѐ уште ги чека резултатите од анализите на МРП вакцините на кои имаше декларации со поминат рок, а предмет за овој случај беше оформоен пред повеќе од три месеци, на 29 јануари 2019.

Анализите на содржината на вакцините кои треба да покажат дали се штетни по здравјето, се нарачани и се прават во странство.

– Вештачењето на вакцините е во тек. Согласно наредбата издадена од јавниот обвинител, анализата на исправноста на вакцините и на нивната евентуална штетност врз здравјето на пациентите ја врши Центарот за испитување и контрола на лекови при Фармацевтскиот факултет во соработка со лабораторија од друга земја-членка на мрежата на официјални лаборатории за контрола на лекови OMCL, како и Агенцијата за лекови и медицински помагала МАЛМЕД. До овој момент до Јавното обвинителство не е пристигнат вешт наод и мислење, а се очекува пристигнување и на другите побарани податоци – велат од Обвинителството.

Оттаму на крајот на јануари соопштија дека отвориле предмет по допрен глас откако скандалот изби во јавноста. Тогаш најавија дека ќе се проверува дали постоеле неправилности при увозот на вакцините, нивниот рок на употреба, како и евентуално предизвикани штетни последици. По неколку дена тогаш беше направена проверка во фирмата увозник „Македонија лек“, се попишаа вакцините и останаа на чување таму бидејќи тоа е единственото место каде има соодветни услови. Се најавија проверки и во МАЛМЕД и во Министерството за здравство.

По поминати повеќе од три месеци, денеска прашавме во која фаза е случајот, дали и кои лица се сослушани и до каде се анализите. Одговор кој го добивме на нашите прашања е пренесениот во кој се посочува оти се очекуваат вештачењата на вакцините.

Кога случајот беше обелоденет, пред да отвори предмет Обвинителството, внатрешна контрола во здравствените домови направи и Министетството за здравство. Во вакциналните пунктови беа пронајдени вкупно 635 кутии од МРП вакцината на кои стојат погрешно залепени декларации. Градовите каде беа пронајдени се: Крушево, Струга, Велес, Демир Хисар, Крива Паланка, Вевчани, Охрид и Скопје.

Сепак, надлежните тогаш ја смируваа јавноста дека МРП вакцините со кои се вакцинираат децата не се со поминат рок на траење, туку само со погрешни декларации.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...