Во Клиничко-болничкиот центар „Ребро“ во Загреб 14мина лекари успешно одвоија сијамски близнаци, кои ги оперирале цели 15 часа.
Валентина и Кристина се родени споени во долниот дел од градниот кош и имале заеднички црн дроб и црева. Нивното одделување, според лекарите, било една од најкомплицираните медицински процедури. За само два месеца од операцијата, девојчињата добро напредуваат – нивната тежина е двојно зголемена.
Освен што бебињата се родиле споени, проблем било тоа што тие се родиле предвреме и со неизбалансирана циркулација. Според лекарите, станува збор за многу редок случај – досега се забележани околу 16 отсто на близнаци со споени црева, а Кристина и Валентина биле поврзани и со црниот дроб и со цревата.
– Ова е втор случај на светот каде близнаци беа споени со црниот дроб и со цревата. Во првиот случај преживеа само еден од близнаците, а нашите девојчиња се живи и засега напредуваат добро – изјавила д-р Ружа Грижељ за ,,Јутарњи лист”.