Поминаа шест месеци откако експремиерот Никола Груевски избега и е неоправдано отсуден од работа. Тој на 13 ноември лани објави дека пребал во Будимпешта. Со шест месеци неоправдано отсуство, пратениците сега имаат законска можност да изгласаат одземање на мандатот, а пратеничката од владејачкото мнозинство и потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски, ги потсети колеги дека сега се пред сериозен тест.
„Пред сериозен тест и одговорност на сите пратеници е спроведувањето на процедурата за одземање на мандатот со 80 гласа „за”. Пред сериозен тест е Обвинителството и Врховниот суд – ОЈО да даде одговор за истрагата за бегството, а Врховен суд да одолее да не ја укине пресудата за затворската казна. Во меѓувреме, бидејќи се распишал азилантот очекувам да објави книга за неговото „храбро” бегство, како лекција – модус операнди за криминалистите, а роман за сите останати“, нагласува Ременски.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, сега треба да ја извести Комисијата за мандатно имунитетни прашања, по што треба да започне процедурата. Спикерот, во моментов е во службена посета на Австрија, па неговите чекори се очекува да бидат познати откако ќе се врати во земјава.
Груевски веќе остана без пратеничка плата откако владејачкото мнозинство во јануари годинава донесоа измени во Законот за пратеници. Со нив тие пропишаа дека секој пратеник кој ќе биде правосилно осуден на казна затвор подолга од 6 месеци, ќе го изгуби правото на плата.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI