Бранителот на трофејот Црвена ѕвезда не дозволи сензација и спречи две црногорски екипи да играат во финалето на регионалната кошаркарска АБА лига. Белграѓани синоќа на домашен терен го победија Морнар од Бар во мајсторката од полуфиналната пресметка и со 2-1 во победи се изборија за финалето.
„Црвено-белите“ веќе на полувреме имаа предност од 15 разлика (52:37) за на крајот да слават убедливо со 88:69.
Огњен Добриќ и Тејлор Рочести со по 19 и 18 поени беа најефикасни во победничкиот тим, Немања Врањеш со 21 поен беше најефикасен кај гостите.
Противник на Црвена ѕвезда во финалната серија ќе биде Будуќност.
АБА финалето ќе се игра до три добиени натпревари, првиот е закажан за 9 април во Белград.