Шефовите на диломатиите на Македонија и Грција од вчера почнаа да ги брифираат државниот врв и партиските лидери во своите земји за исходот од состанокот, што во петокот во Виена го имаа со медијаторот на Обединетите нации во решавањето на спорот околу името, Метју Нимиц.
Димитров серијата брифинзи, како што веќе објави МИА, ја почна со состанокот со премиерот Зоран Заев.
Средбата беше прва од најавените поединечни средби на Димитров со претставниците на државниот врв и лидерите на политичките партии за разговорите за името.
– Ги знам сите детали и драго ми е што можам да потврдам дека има позитивен исчекор во разговорите. Ако некој ме праша дали сум повеќе или помалку оптимист и позитивен, јас сум повеќе позитивен и поголем оптимист по оваа средба што Димитров ја имаше со Коѕијас во Виена под раководство на посредникот Метју Нимиц, изјави вчера Заев.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров минатата недела најави дека по преговорите за името во Виена ќе се одржи состанок на државниот врв и лидерите на најголемите партии.
Заев вчера појасни дека поканата за лидерска средба била испратена во текот на минатата недела со цел секој од учесниците да може да ги усогласи обврските.
– Но веројатно и поради други агенди на дел од учесниците, пред се, од опозицијата беше побарано овој постигнат напредок во разговорите да биде споделен на билатерални средби, рече Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера соопштија дека не добиле официјална покана за средба на лидерот на партијата Христијан Мицкоски со Димитров. Потврда за средба нема ниту од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.
Премиерот најави оти постои можност по Велигден, на 10 април на пример да се одржи лидерска средба, како давање насоки и мислења пред следната рунда преговори што се очекуваме по велигденските празници.
На 27 јануари годинава во Клубот на пратениците се одржа досега единствениот координативен состанок на државно-политичкиот врв во врска со разговорите за името на кој присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ Али Ахмети и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Коѕијас во Грција исто така ги брифираше лидерите на политичките партии за разговорите во Виена.
Речиси два часа траеше средбата на генералниот секретар на Комунистичката партија на Грција Димитрис Куцубас со шефот на грчката дипломатија Коѕијас, со кој всушност почна серијата средби.
За денеска се предвидени разговори со лидерката на ПАСОК и Движење за промена, Фофи Генимата и претседателот на Сојуз на централисти Василис Левендис.
Најголемата опозициска партија Нова Демократија ќе остане последна за информирање, откако лидерот Кирјакос Мицотакис одби да го прими Коѕијас и побара да биде информиран лично од премиерот, а шефот на грчката дипломатија ќе се сретне со одговорниот за надворешна политика во партијата, Јоргос Кумуцакос.
Кумуцакос, пак, вчера во интервју за грчкиот весник „Елефтерос типос“ изјави дека во разговорите само се потврдува ќор-сокакот.
– Од она што можеме да го знаеме, се покажува дека има сериозна компликација. Во суштина, посетата на Коѕијас на соседната земја, започна и заврши со слетувањето на аеродромот во Скопје. Покрај тоа, лошата и површна јавна изјава на премиерот од Брисел за конкретно име, го „заклучи“ ќор-сокакот што се покажа за време на посетата на Коѕијас, вели Кумуцакос.