Интерпол, вели Спасовски, сѐ уште врши некакви испитувања. Тој смета дека потерницата што е испратена ги исполнува критериумите за да биде објавена.
Нагласи дека потерницата со сите потребни документации и без никаков недостаток е доставена до Интерпол.
Спасовски е уверен дека нема никаква правна пречка потерницата за Груевски да биде објавена во Интерпол, особено за вакви кривични дела и очекува дека врвот на Интерпол ќе донесе таква одлука.
Во врска со тоа дека партијата ВМРО-ДПМНЕ вршела влијанија врз судии и дали тоа е пријавено во обвинителството, Спасовски одговори оти тоа е факт.
– Вие сите како новинари разговарате за „сваровски судство“ и за вршење притисок врз судството. Јас на моето интервју укажав и сега укажувам дека за подобрувањето на правниот амбиент во државата, на можноста да имаме навистина правда за сите во државата, треба навистина да се поведат одредени истраги и против судии, и против обвинители, и против припадници на МВР ако сакаме беспрекорно да имаме подобрување во оваа сфера. Затоа што не е прифатливо МВР да отвора случаи, да ги води, да дојдеме до ситуација на покренување истрага, апсења и по неколку часови тие исти луѓе да бидат пуштени од страна на судот – рече Спасовски.