Македонското земјоделство – прашања што бараат одговори

Суштината на развојот на македонското земјоделство не е во тоа дали ќе се исплатат најавените субвенции.

1660

Ние ни во лудило не можеме да произведеме подобар компјутер од Јапонците, но можеме подобар ајвар, рече Влатко Стефановски на едно телевизиско гостување пред многу години. Една реченица, илјада зборови!

Нашава земја има потенцијал и за производство на високотехнолошки производи, но набљудувано на краток рок, потенцијалот да се зголеми обемот, квалитетот и додадената вредност на домашното земјоделско производство е далеку поголем. Природните погодности на нашето поднебје, глобалниот раст на населението и можностите за инвестирање го прават македонското земјоделско производство податливо за релативно брз раст. Неспорно е, земјоделството заслужува сериозно внимание како на креаторите на домашните економски политики така и на потенцијалните инвеститори во тој сектор.

Учеството на земјоделството, шумарството и рибарството, прикажани како една ставка од страна на Државниот завод за статистика, во изминатите десетина година, со минимални отстапувања, се одржуваше во распонот од 9 до 10% од БДП на земјава. Но, од 2014 година кога учеството беше 10,2% на БДП тоа се намали на 7,2% во 2018 година. Намаленото учество на земјоделството во БДП е глобален тренд, бидејќи економскиот раст првенствено го движат други сектори, но тоа не смее да биде причина за индиферентност, особено кога станува збор економија каква што е македонската.

Суштината на развојот на македонското земјоделство не е во тоа дали ќе се исплатат најавените субвенции. Главната тема е да се дефинира одржлив систем што ќе го направи амбиентот податлив за инвестирање од страна на приватниот сектор и примена на бизнис модел кој ќе овозможи фундаментална трансформација и брз раст на земјоделството, како по обем така и во квалитет. Во тој контекст, има повеќе прашања за македонското земјоделие што заслужуваат сериозен одговор . Еве само неколку.

Прво, зошто не се обработува една третина од обработливото земјоделско земјиште во земјава? Значи земја има, ама земјата е на луѓе што не се заинтересирани за производство, нема пристојни услови за живеење во руралните средини, младите не ги интересира, не е исплатливо, нема доволна или добро насочена финансиска помош или пристап до финансиски средства, си заминаа луѓето во странство, премногу е раситнето земјоделското земјиште, не се употребува механизација?

Второ, кој каква улога има или треба да има во ланецот „од нива до трпеза“? Што се случува кај непосредните производители, кај откупувачите и дистрибутерите, кај продавачите во малопродажбата? Како потенцијалните решенија можат да го избалансираат учеството на секој од вклучените играчи во поделбата на финансискиот ефект? Во овој процес каква е улогата на приватниот сектор и како може да помогне државата, во взаемна координација за градење одржлив пазарен модел? Дали и како државата може да помогне околу пласманот на земјоделските производи, но и за елиминирање на високите ценовни флуктуации во овој сектор?

Трето, како да се искористат новите технологии во земјоделското производство? Дали примената на новите технологии, првенствено од ИТ секторот, е решение за проблемот со големиот одлив во странство на луѓе од руралните средини? Како притоа да се сочува природниот карактер на произведената храна во форма на органско производство?

Четврто, како развојот на земјоделството оптимално да се интегрира во политиките за регионален економски развој? Зависи ли опстанокот на цели рурални региони во земјава од брзината на наоѓање одржливи решенија за земјоделството?

Петто, какви се странските искуства за сé што е претходно спомнато?

На 16 мај Стопанската Комората на Македонија организира меѓународна конференција на тема „Насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија“. Сериозна конференција за сериозни одговори на прашањата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...