Првиот ден на претседателот богат со билатерални средби

866

Во Кабинетот на претседателот „Вила Водно” денеска се одржа официјална церемонија на примопредавање на функцијата претседател со највисоки воени и државни почести. По свечената церемонија, претседателот Стево Пендаровски, оствари билатерални средби со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, и со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, соопшти претседателскиот Кабинет.

На средбата со Радев, Пендаровски изразил цврста определба за натамошно зајакнување на добрососедските односи и продлабочување на политичкиот дијалог со Република Бугарија.

„Двајцата претседатели истакнаа дека заеднички ќе се заложуваат во афирмирањето на мирот и стабилноста во регионот со цел негова забрзана интеграција во евроатлантските структури. На тој план, претседателот Пендаровски изрази очекување дека поддршката од Република Бугарија ќе продолжи и во иднина“, се наведува во соопштението.

На средбата со албанскиот претседател Илир Мета, претседателот Пендаровски истакнал дека Македонија ќе продолжи да ја гради меѓусебната доверба со Албанија и дека македонското членство во НАТО ќе биде од суштинско значење за безбедноста, мирот и просперитетот на целиот регион.

Претходно, во Собранието, Пендаровски оствари средба и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Двајцата претседатели изразиле уверување дека билатералните односи меѓу двете земји и натаму ќе се зајакнуваат и дека заеднички ќе придонесат во интензивирање на севкупната соработкана сите полиња од заеднички интерес.

Тројцата претседатели на претседателот Стево Пендаровски му упатиле срдечни честитки за изборот и му посакале успешно извршување на функцијата.

Во Собранието Пендаровски оствари средба и со министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос.

Пендаровски денеска во претседателскиот Кабинет имаше билатерални средби и со Срѓан Дармановиќ, министер за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора, со Фарук Кајмакчи, заменик МНР на Република Турција и со Пјотр Вавжик, државен потсекретар во МНР на Република Полска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...