Претседателот на Бугарија, Румен Радев по денешната инаугурација на Стево Пендаровски за претседател на Македонија, истакна дека Софија ја поддржува нашата земја во евроинтегративните процеси, јавија бугарските медиуми.
– Давам категорична и силна поддршка за европската политика на Северна Македонија. Треба да и помагаме да ги исполни условите за влез во Европската Унија – изјави Радев во Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Како што пренесува МИА, Радев беше првиот со кој новиот претседател Пендаровски имаше тет-а-тет средба веднаш откако стапи на претседателската функција.
Шефот на бугарската држава додаде дека го поканил претседателот Пендаровски да ја посети Бугарија и тој ја прифатил неговата покана.
– Дијалогот со Пендаровски продолжува. Северна Македонија ни е најблиската држава. И двајцата се заложивме работата во врска со Договорот за добрососедство да продолжи – рече Радев.