Во име на Демократската унија за интеграција изборот на Стево Пендаровски за претседател му ги честиташе пратеникот Артан Груби, кој го поздрави и обраќањето на новиот шеф на државата во Собранието.
– Во име на сите нас му посакувам успешна работа, здравје и да предводи во големото помирување што треба да претстои помеѓу сите политички партии, сите политички чинители и сите лидери во нашава земја. Се надевам дека по десет години од владеењето на Иванов како претседател ќе видиме попозитивни времиња, во кои цела држава со сите капацитети – и Собрание, и Влада, и Претседател, и општините ќе бидат ориентирани кон Запад и дека ќе се успее час поскоро да се добие датум за отпочнување преговори со Европската Унија и да го заокружиме целосното членство во НАТО -, истакна Груби.
Прашан за коментар по изјавата на пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, според кого за поддршката на Пендаровски на изборите „ДУИ ќе испорачува фактури до СДСМ“, Груби одговори: „Пендаровски е наш кандидат и сметаме дека сме пресуден и одлучувачки фактор во неговата победа и нема зошто да испорачуваме фактури за наш кандидат кој победи на овие избори“.
– Најголемата фактура што е испорачана е консензуалноста и тоа што победија политиките на Ахмети и ДУИ кои ги промовиравме уште од 2014 година. Поголема фактура од тоа не може да постои – додаде пратеникот на ДУИ.
За коментар за отсуството на Зоран Заев на свечената седница, тој упати на премиерот и неговата матична партија.
– Господинот Ахмети беше денеска тука и го проследивме обраќањето на нашиот заеднички кандидат – рече Груби во изјава за медиумите.