Вучиќ: Моето присуство е потврда дека сакаме да ги отстраниме шумовите

1388

Српскиот претседател Александар Вучиќ, по инаугурацијата на новиот претседател на Северна Македонија Стево Пендаровски, изјави дека верува оти двете земји ќе ги отстранат шумовите кои постојат во претходниот период.

Тој пред новинарите истакна дека оваа година ќе испрати и официјална покана до Пендаровски да го посети Белград.

На прашањето дали ќе бидат отстранети шумовите во врските меѓу двете земји од периодот кога во Северна Македонија бил обвинувана Србија дека учествувала во обид за државен удар, Вучиќ истакна дека не е проблем кога постојат шумови, туку е важно двата народа да се почитуваат и сакаат.

– Ќе се обидеме и тие шумови да ги отстраниме. Верувам дека имаме доволно капацитет за тоа. Верувам дека таква желба постои и во Скопје – нагласи српскиот претседател.

Тој додаде дека е многу важна добрата политичка и економска соработка, како и растот на трговската размена меѓу Белград и Скопје, изразувајќи надеж дека така ќе продолжи и во иднина.

– Моето доаѓање тука е симболична потврда дека сакаме да градиме уште подобри односи и мостови на пријателство меѓу Србија и Северна Македонија и меѓу нашите народи, истакна Вучиќ по инаугурацијата на Пендаровски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...