Од инаугурацијата на новиот претседател Стево Пендаровски, Владата веќе нема обврска, а ниту другите институции да се придржуваат до правилото дека не се возможни никакви кадровски поместувања, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање во врска со најавената „метла” која ќе зафати дел од функционерите.
Таа рече дека како сериозна коалиција на Влада ќе седнат и ќе ги направат сите анализи и ќе дадат одговор на некои од очекувањата што не успеале да ги исполнат.
– Тоа нее прашње само на персонални рокади и промени, туку прашање на промени што се неопходни во системот на одлучување. Можевте да видите и во текот на целата кампања колку се силни критиките од страна на граѓаните, на бизнисот и на медиумите, на пример за состојбите во одредени делови на нашата администрација каде што луѓето сметаат дека е уставно право да земаат плата, но не им е уставна обврска да работат – изјави Шекеринска.
Персоналните промени, како што рече таа, не се единственото прашање за кое ќе дискутира.
– Треба да направиме се, како што успеавме крупните проблеми да ги решиме, како што успеавме да ја добиеме не само поканата за НАТО, туку и Протоколот за проширување, како што успеавме да се приближиме до почетокот на преговорите и успешно да сме при крај со скринингот со ЕУ, така да дадеме резултати и во секоја сфера – рече Шекеринска.
Според неа, во моментот кога зад нас се успешно завршени политички процеси и успешно завршени претседателски избори со право, како што рече „ јавноста нема да ни дозволи премногу време. Очекувам оваа анализа и овој разговор да го започнеме веднаш по инаугурацијата на Пендаровски“.
На прашање како ја коментира изјавата на министерот за животна средина за дел од некои медиуми дека за неговото разрешување не одлучува премиерот, туку претседателот на неговата партија ДУИ, Али Ахмети, Шекеринска рече дека имаме коалициска влада во чија програма стои дека тој тип на партиски феуди не се добри за државата.
Шекеринска најави дека разговорите околу реконструкцијата, околу кадровските смени, околу системските промени во работата на Владата нема да ги води само СДСМ оти, како што рече, тоа би било иста грешка, туку ќе ги водат заедно со сите коалициски партнери.
– Или заедно ќе успееме или заедно ќе претрпиме неуспех – нагласи Шекеринска.