Пендаровски: За вработените кои се под истрага нема да има место во мојот Кабинет

Политичкиот реваншизам треба да биде минато во оваа земја. Кој прекршил закон ќе одговара, кој си работи како треба, стручно, треба да остане на работа независно деали е припадник на партијата на власт, на опозиција или не е припадник на ниедна политичка партија, порача новоизбраниот претседател.

1335

Новоизбраниот претседател Стево Пендаровски смета дека со овие избори, земјава покажала дека може да се однесува европски, а институциите да работат професионално.

За потпишување на законите кои не ги потпиша досегашниот претседател Ѓорге Иванов ќе се консултира својот правен тим што ќе го доекипира наредната недела. Тој најави дека ќе учествува во реформите на разузнавачките служби кои се под надлежност на претседателот. Политички реваншизам, рече, нема да има, ниту во институциите под надлежност на претседателот, ниту во претседателскиот кабинет. Сите кои професионално работеле, како што потенцира, ќе продолжат да работат, а секој кој го прекршил законот треба да одговара.

– Прв пат од деведесеттите години навака сите учесници од изборниот процес го признаа изборниот резултат. Тоа се случува по 25 години и е исклучително добра препорака за нас како држава во пресрет на јунскиот самит на ЕУ. По децении и децении државата покажа дека може да се да се однесува европски и институциите да бидат професионални и непартиски – рече Пендаровски.

Тој рече дека по примопредавањето на функцијата заедно со досегашниот претседател Ѓорге Иванов ќе има средби со вработените, на кои ќе им каже дека нема од што да се плашат.

– Политичкиот реваншизам треба да биде минато во оваа земја. Кој прекршил закон ќе одговара, кој си работи како треба, стручно, треба да остане на работа независно деали е припадник на партијата на власт, на опозиција или не е припадник на ниедна политичка партија – истакна Пендаровски.

Во врска со законите што не ги потпиша Иванов, Пендаровски напомена дека ќе се обиде најбрзо можно во текот на следната недела да го доекипира неговиот правен тим, бидејќи, како што рече, не сака да потпишува „на слепо“.

– Неколку од тие закони знам, но не сите, над дваесет кои се поминати во прописна собраниска процедура. Потоа во најбрз можен рок, ќе ги потпишам. Претспоставувам дел од нив ќе бидат потпишани уште во првите неколку дена по моето влегување во Кабинетот – потенцира новоизбраниот претседател.

Тој најави дека темелно ќе се зафати со реформи на безбедносните служби кои се под негова надлежност, чии злоупотреби биле и најголеми приочини за длабоката политичка криза во 2015 година, Во таа насока, додаде, веќе е направено доста, како издвојување на Петтата управа и формирање на ОТА, а ќе се работи на издвојување на УБК и на координација меѓу сите служби.

– Имам намера да учествувам темелно во реформата на тие служби бидејќи значајни сегменти се уште се нереформирани – рече Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање за тоа што ќе се служи со лица од Агенцијата за разузнавање кои биле вмешани во одредени немили настани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...