Грчкиот Парламент ги доби нацрт законите за отворање два нови гранични премини со Македонија

Согласно потпишаниот договор во Скопје, граничниот премин кај Маркова нога, ќе се користи исклучиво за лица и возила до 5 тони.

230

Министерството за надворешни работи на Грција ги достави до грчкиот Парламент двата нацрт закона по потпишаните договори во Скопје за отворање на нови гранични премини меѓу Македонија и Грција, едниот кај Мајден, другиот кај Маркова нога, а во вториот, вклучени членови и за подигнувањето на Канцеларијата за врски во Скопје на ниво на амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, нацрт законите, прво, во текот на следната седмица, ќе се разгледаат на надлежната Комисија за национална одбрана и надворешни работи во грчкиот Парламент, а потоа ќе бидат доставени за ратификација на пленарна седница во Парламентот.

Нацрт законите доставени во грчкиот парламент, кои во посебни членови ги вклучуваат потпишаните договори во Скопје, едниот на 8 март 2019, другиот на 2 април 2019, се потпишани од министрите за: надворешни работи Јоргос Катругалос, цивилна заштита Олга Геровасили, финансии Евклидис Цакалотос, транспорт и врски Христос Спирѕис и алтернативната министерка за надворешни работи Сиа Анагностопулу.

Согласно потпишаните договори, за изградбата и отворањето на граничниот премин кај Мајден ќе се користат фондови од Европската унија, а во договорот за граничниот премин кај Преспа, вклучени се и членови за подигање на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат. Граничниот премин кај Маркова нога, ќе се користи исклучиво за лица и возила до 5 тони.

Според двата потпишани договори во Скопје, предвидено е да се формира заедничка Комисија на експерти од двете земји со најмногу девет претставници од секоја страна кои ќе бидат надлежни за техничките и правните теми, за функционирањето на граничните премини и за други прашања од заеднички интерес поврзани со спроведувањето на договорите.

Во рок од 30 дена од стапувањето на сила на договорот, двете страни по дипломатски пат ќе ги разменат листите со членовите на Комисијата, која за прв пат ќе се состане во рок од три месеци по стапувањето на сила на договорот, а ќе одржува состаноци на секои две години.

Ваква комисија е предвидена и за граничниот премин кај Мајден и за граничниот премин кај Маркова нога.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...