Работнички ги осуди расистичките навреди кон Гинјард

125

По вчерашниот немил настан во кој играчот на КК Работнички Маркус Гинјард бил погрдно навредуван и провоциран на расна основа во центарот на Скопје, за што тој самиот сподели на социјалната мрежа Инстаграм, од клубот најостро го осудија ваквото недолично однесување и дискриминација.

– Нашиот клуб отсекогаш бил и ќе биде против навреди и поделби на расна, верска, етничка и политичка основа во, но и надвор од спортските терени. Особено не треба да дозволиме да се врши дискриминација по ниту една основа на спортисти и спортски работници кои вложуваат знаење, способност и енергија за развој на македонската кошарка и македонскиот спорт, воопшто. Со вакви поделби губиме сите, за жал – велат од клубот.

Оттаму додаваат дека никогаш не ги поддржувале и нема да ги поддржуваат ниту националистичките пораки што ги упатуваат во спортските арени т.н. љубители на спортот и порачуваат дека на таквите местото не им е на трибините.

„Затоа ги повикуваме сите кошаркарски клубови и целата спортска јавност да ги осудат сите лица што прават дискриминација според расна, верска, национална, етничка и политичка припадност и заеднички да придонесеме за повисока свесност кај граѓаните и љубителите на спортот и кошарката, и да кажеме гласно “НЕ“ за дискриминацијата. НЕ за дискриминацијата во спортот“, се вели во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...