Сè што е цврсто се претвора во дим!

Првата вистинска македонска република во историјата, беше инспирирана, изборена и оформена под знамето на филозофијата и политичката идеологија на комунизмот, значи директно и непосредно под влијанието на „Комунистичкиот манифест“ и мислата на неговите автори.

1242
grcev

Каде и да завладеал, либералниот капитализам неумитно ги разорил сите традиционални, патријархални и идилични односи… и помеѓу луѓето практично не оставил никаква друга врска освен голиот економски интерес, освен бездушното „плаќање во готово“. Капитализмот успеа и личното достоинство на луѓето да го претвори во прометна вредност и на место на сите освоените човечки слободи и права – признаени во безбројните повелби, да ја постави само едната и единствена слобода – слободата на пазарот и капиталот. Со еден збор, тој на место на експлоатацијата затскриена зад верските или политичките илузии ја инсталира, на целата планета, единствено отворената, бесрамната, директната и сурова економска експлоатација.

Непрекинатиот темпо на унапредување, реструктуирање и револуционирање на капиталистичкото производство и економијата, непрекинатото потресување на сите општествени односи, вечната несигурност и промени, неумитно ги раствора сите цврсти односи и застарени сфаќања, а сите нови состојби и односи застаруваат и пред да можат да зацврснат.

Комунистички манифест

Сето она што е цврсто и постојано се претвора во дим, а сè што е свето се сквернави, та конечно, луѓето стануваат присилени на својата животна положба да погледнат со трезвени очи: доволно е да се наведат само погубните последици од економските кризи, кои со своето периодично повторување се повеќе го загрозуваат опстанокот на човештвото во целина…

Но, со што капитализмот ги совладува кризите? Тоа го прави со присилно уништување на огромни маси на остварена вредност (ресурси, производи, заштеди, пензии, домови), со поопштествување на банкарските долгови и со освојувања на нови пазари и нивното уште потемелно експлоатирање. Значи, со што? Со тоа што подготвува нови циклуси на економски кризи, намалувајќи ги воедно средствата за нивното спречување!

Не знам, почитувани читатели, дали во зборовите со кои ја сликав состојбата на неолибералниот капитализам што ги обликува првите децении од 21 век, го препознавте изворот од кој горниот текст – со мали измени и замена на застарени зборови – практично го цитирав? Да, првите два пасуса се извадоци од безмалку сосем заборавениот – но, сè посвеж и поактуелен! – „Комунистички манифест“, напишан во јануари 1848 од Карл Маркс и Фридрих Енгелс, кој во наредните стотина години стана највлијателниот политички манифест на светот.

Ова освежување на паметењето го направив со цел не само да укажам на неверојатните сличности на политичко-економските односи во современиот неолибералистички капитализам со оние од суровиот либерален капитализам на 19 век, туку и за да покажам колку е и ден-денес моќна, свежа и бистра мислата Маркс и Енгелс… и колку е неверојатно употреблива за сфаќањето на премрежињата што го карактеризираат нашето време и што ќе ја одредат нашата иднина.

И, да не го заборавам за нас најважното: освежувањето на меморијата за „Комунистичкиот манифест“ и неговите автори Маркс и Енгелс, беше потребно и за потсетка на еден во библиската земја сосем заборавен или идеолошки ревидиран историски факт: првата вистинска македонска република во историјата, беше инспирирана, изборена и оформена под знамето на филозофијата и политичката идеологија на комунизмот, значи директно и непосредно под влијанието на овој пророчки текст и мислата на неговите автори.

Но, уште повеќе: не само македонската република, туку и сите нејзини конституенти – нацијата, јазикот, идентитетот, државните и културните институции и достигања, може да се рече, целокупниот хуманистички и еманципаторски светоглед во кој се развивавме безмалку половина век, до распадот на југословенската федерација, сето тоа е изнедрено од хуманизмот и социјалистичкиот светоглед што за првпат заискрија во „Комунистичкиот манифест“, во далечната 1848. Да, почитувани читатели, единствениот наш државотворен предок не е Алехандро Магно, императорот и фараонот што како знак за нашата национална културна безумност и залудност штрчи и ечи насред центарот на македонската република… туку тоа е дедо Маркс!!

Хумана перспектива

Препрочитувајќи го Карл Маркс и злоупотребувајќи ја возраста и привилегијата на долгото паметење, со стега во градите ја согледувам очигледноста на историското беспаќе во кое заталка светот. И, гледам: ова сега не е всушност „крајот на историјата“ како што Френсис Фукујама го нарече постсоцијалистичкиот свет во кој со планетата владее единствено религијата на неолибералниот капитализам, туку е историски регрес од цел век, враќање на времето пред освестувањето на наемните работници од „сите земји“; тоа е враќање во времето на големите кризи индуцирани од разулавениот глобален капитализам. Можете да ме наречете стара „комуњара“, како што милуваат вмровските дибеци, но факт е дека ние денес ја живееме стварноста на предмакедонската доба: времето во кое сè уште не беше остварена најхуманистичката и најеманципаторската политичко-економска идеја за општество на еднакви и рамноправни луѓе во кое средствата за производство и јавните добра се во вистинската смисла на зборот поопштествени заеднички вредности, еднакво достапни и распределени на сите граѓани.

Недостигот на политичка имагинација за обезбедување на идејното осмислување на општество на слободни и рамноправни граѓани на светот – денешната пандемска болест на човештвото! – се состои само од фактот што ја заборавивме единствената хумана и праведна посткапиталистичка перспектива на светот: социјалистичката и либертаријанската идеја за општество ослободено од експлоатација и од економско, политичко и социјално ропство.

 

Објавено во „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...