На актерката Селма Блер (46) лани ѝ била дијагностицирана мултипла склероза поради што направила пауза во кариерата и снимањата. Актерката не ни помислила дека е болна, туку дека е само исцрпена и изморена, но кога се подложила на бројни прегледи ја дознала вистинската состојба.
Зад неа се бројни терапии, а успеала да се појави на последното доделување на Оскарите каде на црвениот тепих прошетала користејќи бастун, бидејќи не била во можност самостојно да чекори. Болеста ја заковала за креветот и повеќе не може да се грижи за својот седумгодишен син Артур.
„Се чувствувам многу болно. Повраќам и сите останати работи кои не е пристојно да ги спомнувам. Мојот син побегна од мене. Требаше да го однесам во училиште. Лекарските прегледи си го земаат своето. Морам да го издржам сето ова. Сите ние. Ова ќе помине. Ова е порака до сите мајки и татковци кои ги гледаат нивните деца кои се болни и се надеваат дека ќе бидат подобри. Покрај вас сум. Мило ми е што ова ми се случува мене, а не на моето дете. Повеќе не ни можам да замислам да се чувствувам подобро. А, уште е утро. Ќе преживееме“, напишала Селма пред неколку дена на социјалните мрежи. Нејзиниот син сè повеќе е свесен за нејзината здравствена состојба и често ја игнорира, а тоа најтешко ѝ паѓа.