Со оглед на загриженоста кај родителите при уписот на нивните деца во основното образование, како што рече Адеми, во наредните денови ќе дадат јасна ориентација за сите основни училишта при уписот на првачињата.
– Секое наше решение треба да биде во согласност со уставната одредба дека основното образование е задолжително, но исто така треба да не се доведеме во ситуација да го загрозиме јавното здравство. Во наредните денови ќе има заеднички став со Министерството за здравство и ова ќе биде решението – нагласи министерот Адеми.
Д-р Владимир Микиќ, епидемиолог, кој денеска ги обелодени најновите податоци на новозаболени и (не)вакцинирани од морбили, по најавите на Адеми, појасни:
– Немало одлука на Комисијата за заразни болести деца без примени вакцини да не се запишуваат на училиште, тоа е одлука на Влада и е, секако, во контекст на сузбивање на епидемијата. Според законот, при упис во прво оддление, треба да се поднесе вакциналниот картон. Во Скопје од почетокот на епидемијата, вкупно се вакцинирани 13.375 деца до 14 години, а во другите градови вакцинирани се 9.555 деца до 14-годишна возраст со прва или втора доза. Односно вкупно 23.978 деца во земјата примија вакцина – вели д-р Микиќ и додава дека од понеделник ќе има засилени увиди во центрите за јавно здравје да се процени зошто бавно се одвива вакцинацијата надвор од Скопје.
– Останаа невакцинирани уште 18.880 деца, што, за жал, погодува на ширењето на вирусот на морбили, особено таму каде уште нема заболени. Во Скопје проблемот е речиси решен – од 5.000 деца без вакцина, останаа уште 2670 да се вакцинираат – изјави д-р Микиќ.
Тој нагласи дека досега има 1399 заболени од морбили и тоа на возраст од еден месец до 61 година, од кои 837 се од Скопје, а останатите се од другите 21 град во земјата.
Од нив, најголем број со компликации, 56 или 26 отсто биле кај деца на возраст под една година, а 43 (20 отсто) кај деца на возраст од 1-4 години, што укажува дека оваа возрасна група е најзасегната и подложна на компликации.
– Дури 3/4 од оние кои заболеа се невакцинирани, односно 90 отсто од децата не примиле вакцина, а кај другите процентот е поголем од 65 отсто. Да потсетиме дека голем дел од школските деца заболеа од морбили, па оттаму во голем ризик да се разболат се претшколските деца кои се уште невакцинирани, а ги има околу 13.000 – додаде д-р Микиќ.
Од невакцинираните лица, 217 (16.9 отсто) се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација.
Досега се вакцинирани 1.113 лица на возраст над 14 години, од кои повеќе од 60 проценти се вработени во здравствени институции.